Гостувањето на претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во изведба на МНТ од Скопје на годинешното „Охридско лето“, е една од оние ретки прилики која како на дланка ви го претставува дијаграмот на општеството во актуелниот момент. Тоа што норвешкиот драматург и писател Хенрик Ибзен (Henrik Johan Ibsen, 1828 – 1906) го напишал текстот на драмата во 1882 година, пред цели 140 години, во никој случај не му одзема од актуелноста. Напротив: вистинољубивоста наспроти властољубивоста, самосвесната единка наспроти политичкиот чопор, моралниот интегритет наспроти егзистенцијалните проблеми, општествениот ангажман наспроти штетите што ги трпи семејството, саможртвата напроти конформизмот… Затоа, не случајно, „Народен непријател“ е една од најизведуваните драми од Ибзен, сметан за родоначалник на модерната драма, со повеќе од 1880 премиери на театарските сцени на сите континенти – Европа, Азија, Африка, Австралија, Северна и Јужна Америка – кој заради критицизмот кон норвешкото општество десетина години бил апатрид и творел во Италија и Германија.
Драмата „Народен непријател“ на Ибзен – инаку, познат и по „Нора“, „Пер Гинт“, „Куќа за кукли“ – можеби најдобро ја прикажува контроверзната слика која важела за него како писател, и за време на животот, а посебно по неговата смрт. Означуван како социјалист и анархист од една страна, но и апсолутен моралист од друга, Ибзен е третиран и како драматург на ничеанска филозофија на нихилизмот (Фридрих Ниче / Friedrich Wilhelm Nietzsche; 1844 – 1900). За волја на вистината, има повеќе од „зрнце“ нихилизам во „Народен непријател“. Да одиме по ред.
Драмата ја следи судбината на доктор Томас Стокман (го игра Никола Ристановски), лекар во локалното бањско лечилиште, откако тој ќе утврди дека водата која ја користат наслението и туристите-пациенти не само што е загадена, туку е извор за разни опасни болести. Неговиот извештај, на прв поглед, ќе наиде на воодушевување кај Ховстад, уредничка на весникот „Народен гласник“ (Сашка Димитровска) и Билинг (Александар Михајловски), соработник во весникот, кои сметаат дека д-р Стокман може да направи револуција во општеството со неговото откритие. Но, само на прв поглед…
Од друга страна, братот на д-р Стокман, Петар Стокман (Благој Веселинов), градоначалник и претседател на Управниот одбор на бањата, е повеќе од костерниран од извештајот за загаденоста на водата. Смета дека градот економски и политички живнал од посетеноста на бањското лечилиште, и дека извештајот на брат му – кој предвидува дека бањата треба да биде затворена на две години и да треба да биде сменета комплетната водоводна мрежа – се вистински финансиски погром за општината, која не може да го издржи тоа. На неговата линија е и Мортен Кил (Петре Арсовски), потатко на Катарина, сопругата на Томас Стокман: тој е индустријалец со кожа и токму неговите кожари се главниот загадувач на водата во градот.
Наспроти овој „надворешен“ круг, судирот на д-р Стокман со метастазираното граѓанско општество, претставено низ бањското лечилиште, исцртува и „внатрешен“ круг, во неговото семејство. Сопругата Катарина (Звездана Ангеловска) е столбот на семејството, и се обидува да лавира меѓу правдољубивоста на сопругот и егзистенцијалните потреби на семејството. Најстарата ќерка Петра (Дарја Ризова) е наставничка, и апсолутно ги споделува убедувањата на татко и во борбата против конформизмот и профитот на владејачкиот слој, па и таа ќе дојде под удар на политичките „чекани“.
Како и секоја револуција, и оваа на д-р Стокман започнува со голема доза на романтичарско убедување дека општеството може – и треба! – да се промени: треба само да се пласира вистината во медиумите, и без разлика на економските штети, сите да добијат здрава и безбедна животна средина. Но, како и при секоја револуција, промените во општеството започнуваат најпрвин со оние кои се нејзини двигатели – тие треба да бидат „изедени“. Во видувањето на Ибзеновиот „нихилизам“ на Нина Николиќ – родена во 1987 г. во Скопје, едно од најпроминентните режисерски имиња на македонската театарска сцена, но и во регионот, подеднакво сконцентрирана на теоретските истражувања и праксата – можат да се забележат рестроспективните поенти на, горе-долу, сите револуции, во кои се судираат брат со брат, зет со таст, маж со жена, пријател со пријател, рацио со идеал, визија со затупеност, слободарски весник со трошоци за печатење, професионалноста со манипулацијата… низ суптилното плетење на драмскиот судир, сe до неговиот климакс.
Тој климакс, како и целата претстава, го потврдува стравувањето кај гледачот кој (ќе) победи во борбата на индивидуалецот против системот. Тој и таков индивидуалец треба да биде „сировина“ во политичката машина за мелење месо, и судбината на д-р Стокман не може да биде поинаква. Но, изборот на сите д-р Стокмани на овој свет е дали ќе се предадат без борба, плашејќи се од звукот на празните црева кај себе си и членовите на семејството, или, пак, постојат некои идеали кои се повредни од полн стомак, залиен со чашка пунч.
Колку што режисерската поставка на Николиќ во „Народен непријател“ одлично ја градира играта и нејзиниот ритам, толку се наметнува впечатокот дека гледачите (повторно и повторно) сведочеа на уште една полнокрвна актерска креација на Никола Ристановски, со неговиот добро познат дијапазон на изразни средства во полн налет и беспрекорна кондиција. Посебно остана впечаток неговиот подолг монолог во кој се синтетизирани речиси сите модерни политички концепти низ едноставното поставување на дилемата – леб или отров, и одговорите на неа.
Веселинов како Петар Стокман, Ангеловска како Катарина, Ризова како Петра, Димитровска како Ховстад, и Арсовски како Мортен, во прв ред, се доволно доблесни актери да ги прифатат „спаринг-партнерските“ улоги кои дополнително го дефинираат Стокман на Ристановски како исклучителна ролја. Впрочем, „Народен непријател“ беше прогласена за најдобра претстава на годинашниот 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, одржан во Прилеп во мај, а претставата се закити и со наградите за најдобар актер – Никола Ристаноски, за сценографија – Вишња Вујовиќ и за рекламен материјал – Димитар Димитров.
Ибзеновиот драмски свет во режисерската поставка на Николиќ „дише“ низ минималистички транспарентната сценографија (Вишња Вујовиќ), низ која повремено се провлекуваат димни завеси како асоцијација за бањска атмосфера, додека, пак, костимите (Ивана Каранфиловска-Угуровска) ја (ре)презентираат децентноста на граѓанската класа. Во опсегот на добрите актерски вибрации се и Михајловски како Билинг, Нино Леви како Аслаксен, сопственик на печатница, Мартин Ѓоргоски како капетан Хорстер, Јана Вељановска како Ејла и Ана Арсовска како Мортине, помалите ќерки на д-р Стокман, кои ја надополнуваат сликата за едно комплетно – или, поправо, комплементарно, надополнувачко – театарско уживање.
Стојан Синадинов