Кога на фестивалската програма на „Охридско лето“ е најавен концерт на веќе докажани, на македонската публика, добро познати музички уметници, тогаш очекувањата се поставени во согласност со нивниот минат труд. Особено, заемно задоволство (на публиката, но и на уметнциите), настанува кога веќе оформените впечатоци од минатото, ќе добијат своја потврда и во актуелното доживување. Таков беше случајот и со концертот на сопранот Весна Ѓиновска-Илкова, пијанистката Кристина Светиева и гостинот на концертот, тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кој во последниот јулски ден се одржа во акустичниот простор на црковниот храм „Света Софија“. Секој од нив, со своите индивидуални уметнички дострели на домашната и меѓународната сцена (Ѓиновска-Илкова и Цуцковски во доменот на вокалната интерпретатива, а Светиева во пијанистичката), има изградено висока репутација, која со овој настап, доби уште една потврда.
Како главен носител на вокалниот елемент на концертот, Весна Ѓиновска-Илкова стожерот на програмскиот концепт го постави на соло-песната, отстапувајќи ѝ мал, но значајно позициониран простор и на оперската уметност, која пак, му ја даде глазурата на целовечерниот концертен перформанс. Обединувајќи ги овие два, суштински различни концепти, кои од еден пејач бараат исклучително развиени музички, но и интелектуални капцитети, Ѓиновска-Илкова, уште еднаш покажа дека подеднакво успешно може да одговори и на двата предизвици.
Конкретно, во една ретроспекција на првиот дел од пограмската содржина оваа вечер, можеме да констатираме дека таа успеа да оствари концентриран миг на креативност, без непотребно распространување, што е есенцијална компонента во перформативниот чин на соло-песната. Внимателно и прецизно движејќи се во контурите кои ги наметнува нејзината форма, таа, со мајсторска примена на вокалната техника пристапи во обликувањето и на најситните детали. Презентирајќи повеќе различни стилови, со јасно диференцирање на делата по карактер, секоја изведба ја нивелираше со оригиналност и рафинирана музикалност, која многу очигледно се препознаваше во вешто изведените суптилни динамички нијансирања, допирајќи ја тишината со извонредното пијанисимо и исполнувајќи го звучниот простор со моќното форте, разлевајќи го при тоа, целиот раскош на својот глас. Дополнително, вклучувајќи ја својата природна артистичка дарба и долгогодишното искуство од оперската сцена, во секоја од соло-песните креираше мали сценски слики, со што, на перформансот му даде и драмско оплеменување.
Со изборот на десет бисерни дела од овој жанр, Ѓиновска-Илкова нè пренесе преку камерната размисла за глас и пијано, на низа, исклучително даровити творци на европската романтика и постромантика. Најпрво, со емотивниот карактер на својот музички темперамент, изведе три лирски слики од Петар Илич Чајковски, подвлекувајќи ги сите карактеристики на неговата музика, јадровито сместени во секоја од нив – „Забит так скора“, „Хатјел би јединое слова“ и „Отчего“, надоврзувајќи ја потоа, и романсата на Сергеј Рахмањинов „Не пој красивица“, во која суптилно, со својата интерпретативна зрелост ја провлече авторската лична, типично меланхолична црта, оформувајќи една мини секција на ремек-делата на руската вокална лирика. Оттаму, нè внесе во длабочините на француската соло-песна, галовно прераскажувајќи ги, најпрво сонувачката атмосфера во романтичарската творба „Apres un Reve“ од младешкиот период на Габриел Форе, а потоа и реминисцентното расположение на една од најпознатите дела од овој жанр на Франсис Пуланк, песната „Le Chemins de l’amour“, своевремено напишана за театарската претстава „Запомнето време“. Со особено изразен жар, ни ја претстави восхитената страст во двете соло-песни од творештвото на Франц Лист, „Oh! Ouand je dors“ и „Enfant, si j’etais Roi“, заокружувајќи го овој вокален колаж, со емоционално облевање во „Morgen“ и „Zueignung“ на Рихард Штраус.
Во самото концертно финале, Весна Ѓиновска-Илкова му се посвети и на оперското творештво, одржувајќи го во континуитет чувствениот интензитет. Мошне инспиративно ја изведе аријата „Ecco respire appena“ од операта „Адријана Лекуврер“ на Франческо Чилеа, а заедно со гостинот на концертот, Ѓорѓи Цуцковски, го насликаа дуетот на Сантуца и Туриду од операта „Кавалерија рустикана“ на Пјетро Маскањи. Двајцата долгогодишни партнери на оперската сцена, таа вечер, неа (сцената), со префинето изработена конструкција на сета драматика помеѓу двата главни лика на ова веристичко дело, буквално ја пренесоа на концертниот подиум во „Света Софија“.
Цуцковски, подеднакво добар и сигурен и како партнер во дуетскиот настап, но и во солистичките мигновенија, се претстави и со романсата на Сергеј Рахмањинов, „Ети летние ночи“, како и со оперската арија „Lamento di Federico“ од операта „Арлезијанка“ од Франческо Чилеа. Со својот препознатлив, сугестивен интерпретативен израз, тој оствари впечатливи креации, прикажувајќи исклучително музикално толкување на музичко-текстуалната целина, со пребогата палета на нијанси.
Несомнено, за целокупната звучна слика на концертот, голем, суштински удел имаше пијанистичката придружба на Кристина Светиева. Со својот лесен и рафиниран тон, таа суптилно ги сликаше релјефните линии на композициите. Со прецизна мерка, ненаметливо исполнувајќи ја позадината на вокалната емисија, а при тоа, покажувајќи особена техничка брилијантност и чувство за стилско боење, совршено ги следеше идеите на солистите. Очигледна е долгогодишната соработка на Светиева со Ѓиновска-Илкова, нивната заемност во музицирањето и познавање во размислата и реакциите, што ги чини успешен и продуктивен вокално-пијанистички тандем.
Публиката, видливо задоволна, со големи аплаузи, восхитено реагираше после секоја изведба, барајќи продолжување на музичкото уживање, што пак, уметниците го возвратија со два биса. Во првиот, Ѓиновска-Илкова и Цуцковски, ја поделија „Хатјел би јединое слова“ на Чајковски, давајќи ѝ нов, сопранско-тенорски колорит, додека во вториот, Весна Ѓиновска-Илкова уште еднаш ја изведе Штарусовата „Zueignung“.
Имавме можност да слушнеме уште еден концерт, во кој уметниците целосно и посветено се отвораат пред својата публика, приредувајќи ни богати сценски креации без декор и шминка, оплеменети со нивната музика и изведувачка енергија.
Александар Трајковски