„Охридско лето“ преку својата архива открива бројни гостувања на виолинисти од светска класа во сите декади на фестивалот. Леонид Коган, Игор Ојстрах, Виктор Третјаков, Илја Груберт, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Вадим Репин, Стефан Миленковиќ, Немања Радуловиќ… се само дел од познатите уметници што со виртуозните виолински изведби ја испишаа успешната фестивалска приказна.
Меѓу тие имиња неодминливо ги забележуваме и настапите на израелско-американскиот уметник Шломо Минц, еден од најзначајните виолинисти на денешнината. После рециталите во 2003 и 2004 година, Шломо Минц се претстави со солистички концерт, насловен како американска вечер и на годинешново издание на „Охридско лето“. Концертот реализиран со поддршка на амбасадата на САД во Република Северна Македонија, се одржа во црквата Св. Софија, а пред публиката со изрази на задоволство од соработката се обрати вршителот на должност Амбасадор на САД во РСМ, Ерик Мајер. Пред почетокот на концертот, како што самиот истакна, невообичаено за него, со кус осврт се обрати и гостинот на вечерта, виолинистот Шломо Минц. Интересно е да се забележи дека тој токму овој концерт го означува како еден од најтешките, ако не и најтежок во неговата долгогодишна уметничка кариера. Само погледот на концертната програма, веднаш оди во прилог на таа изјава: Шесте полифони етиди од Хајнрих Вилхелм Ернст во првиот дел и избор (вторите дванаесет Каприси) од 24-те Каприси од Николо Паганини – во вториот дел од концертот. Коментарите за делата и композиторите, што некои уметници ги вметнуваат како дел од настапите, се секогаш добар начин на публиката да и се дадат дополнителни сознанија, но и да се откријат уметничките визии на исполнителот. Приказната за фанатичната фасцинираност на Ернст со Паганини и опсесивното следење на речиси сите негови концертни настапи низ Европа, ривалството меѓу двајцата виртуози, беше одлично потсетување за некои типично романтичарски релации меѓу уметниците во деветнаесеттиот век. А одлуката виолинистот Шломо Минц да претстави толку сложена програма за соло-виолина во една рециталска вечер е предизвик сама за себе. Ернстовите „Шест полифони етиди“, несомнено важат за едно од најкомплексните композиции за виолина во историјата на музиката. Во овој циклус – круна на неговото творештво, создаден во последната фаза од животот (околу 1864), Ернст до највисоки граници ја доведува иновативната техника на полифоно свирење виолина (паралелни мелодиски линии со различна артикулација – мелодија пицикато придружувана од брзи пасажи и арпежи легато, паралелни октави, децими… и сите овие технички акробации имаат дополнителна тежина во последната етида, тема со варијации на ирската народна песна „The Last Rose of Summer“) Целта на ваков вид радикални композиции исклучиво служи да се претстави капацитетот на солистот да се справи со ѓаволски сложената партитура. Во идентичен композициско-технички стил се вклопуваат и познатите 24 Каприси од еден од најголемите виолински виртуози на сите времиња Николо Паганини. Концертната ревија од составена од споменатите претенциозни етиди виолинистот Шломо Минц ги изведе во еден собран, воздржан манир, со ограничен динамички опсег, давајќи предимство на техничките особености во пиесите. Забележливата интонациска нестабилност и извесните отстапки од ритмичката пулсација во прв ред, но и евидентната мемориска цврстина што покажа дека уметникот сепак, длабоко е навлезен во суштината на паритурите, само ја потврди најавата дека концертната вечер е особено тешка и изискува вонреден исполнителски напор.
Останува нашето уверување дека вакви концертни „потфати“ се предизвик на уметникот со самиот себе, прилика за преиспитување на сопствените интерпретациски можности. За еминентен уметник од светски формат како Шломо Минц, навлезен во својата творечка зрелост, веројатно многу поупатно ќе беше да се определи за „помека“ репертоарска концепција.
Викица Костоска Пенева