Концерт за паметење донесе вчеравечер фестивалот „Охридско лето“ во рамките на Српската вечер на фестивалот на која настапи извонредниот српски виолинист Немања Радуловиќ во придружба на камерниот оркестар „Double Sensе“.
Под ѕвезденото небо на Долни Сарај и пред бројната публика, Радуловиќ со неговата уникатна енергија и искреност во изведбите, како и со возбудливата виртуозност, длабочина на изразот и авантуристички пристап, заедно со оркестарот создадоа музичко патешествие околу светот преку аранжмани на традиционалната и модерна музика од различни светски меридијани, обединети во албумот „Корени“.
Настапот на виртуозот Радуловиќ беше во рамките на Српската вечер на фестивалската програма што се организира со поддршка на Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија.
Обраќајќи се пред публиката, директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ рече дека фестивалот со својата специфичност и посебност, препознатлив и единствен на нашите простори, покажа дека културата нема граници, а неговата децениска отворенот кон врвните уметности од целиот свет, како што додаде, го прави препознатлив, не само кај нас, туку и во светски рамки цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата- културна Европа со заеднички врвни културни вредности.
-Настапите на вака славните светски уметници преку заеднички проекти со Амбасадите во Република Северна Македонија го прават „Охридско лето“ еден од најмоќните двигатели на културните дострели. Ваквиот чекор создава мост на поврзување, јакнење и презентирање на културата која е дел од нас, дел од секоја нација но и дел од Балканот. Културата, уметноста и традицијата го опишуваат кодот на секој народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност. А токму „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот, најголемиот промотор на соработка на новата визија на иницијативата „Отворен Балкан“ која отвара нова култура преку уметничките специфичности на Балканот каде моќта на културата и креативноста ги зближува луѓето и создава единство во различноста, рече директорката Поповиќ, упатувајќи благодарност до Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија за поддршката во носењето на најдобрите српски уметници.
Амбасадорката на Република Србија во нашата земја, Невена Јовановиќ, истакна дека Република Србија придава големо внимание на билатералните односи со Република Северна Македонија и како што рече, тие во иднина ќе се продлабочуваат одејќи во нагорна линија, а за тоа големо значење има и иницијативата „Отворен Балкан“. Отворајќи ја Српската вечер, амбасадорката потсети дека уметноста нема граници, а доказ за тоа е и „Охридско лето“ како еден од најпрестижните уметнички настани во Европа.
– Повеќе од шест децении, овој реномиран фестивал дава богата музичко-сценска лепеза која со квалитетната и внимателно избраната понуда на изведувачи и дела, прерасна во препознатлив културен бренд во чија програма денеска се застапени уметници од целиот свет кои со спектакуларните изведби на магичните сцени на Долни Сарај, Света Софија и Антички театар ги оставаат без здив почитувачите и љубителите на уметноста. Ова дополнително говори за блискоста на нашите култури, традиции и народи. Особено сме горди на фактот што втора година по ред во соработка со нашите пријатели, претставниците на „Охридско лето“ ја организираме Српската вечер во рамки на оваа реномирана манифестација, рече амбасадорката на Република Србија,Невена Јовановиќ.
Српскиот виртуоз на виолина, Немања Радуловиќ на сцената ја даде сета своја енергија поместувајќи ги границите на класичната музика и водејќи ја публиката во суптилните мелодии од Балканот, но и во музиката од далечните краишта на светот.
-Овој проект за мене е многу интересен и е создаден за време на пандемискиот „локдаун“ кога многу слушав музика, главно Моцарт и „world music” и тоа всушност ме враќаше во живот. За време на пандемијата имав можност длабоко да размислувам за музиката денес, но и за музиката во минатото и иднината. Слушав музика од различни стилови, и почнав да ја развивам идејата за овој проект кој е исчекор за мене како музичар. Сé за мене е ново затоа што не станува збор за класична музика, туку претставува стилизација на традиционални песни на повеќе народи од песни познати во нашите земји, преку мелодии од други делови на Европа, па сѐ до оние далечните како Кина, Јапонија и Индија, рече Радуловиќ.
„Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на „Пијано Трио“ во црквата „Света Софија“ кој ќе биде посветен на големиот флејтист Илија Зимбо.