Да се пренесе со зборови музички чин што успева да го покрене и најрамнодушниот слушател и да предизвика возбуда кај секој човек, речиси е невозможна мисија. Тука, обидите за детални анализи и согледувања кон аспектите на изведбата се беспредметни. Најлесно е да се каже: „спектакуларно“, „извонредно“, „блескаво“. Но факт е: кога го имате Немања Радуловиќ на виолина и неговиот оркестар „Дабл сенс“, локацијата е Долни Сарај на Српската вечер на шеесет и третото „Охридско лето“, а Александар Седлар и Немања Радуловиќ низ синергија го создале проектот “Roots”, тогаш реално настанува експлозија од емоции и страст во воздухот над Охрид.
Креирање „етничка фузија“ во нашево време е максимално експлоатиран концепт што на артистите од најразлична жанровска ориентација им се чини податлив, во морето „музички производи“ комерцијално да се наметнат за да можат да си ги платат сметките. Резултатот често е вулгаризација на музиката, во која класичарите стремејќи се кон комерцијала си го девалвираат сопственото макотрпно создадено ниво, а „забавњаците“ кокетирајќи со елитизмот на класиката, изгледаат смешни. Линијата на невкусот е многу тенка и лесно се преоѓа од таа страна. Од “Two cellos”, Андре Рију, до Горан Бреговиќ. Бездруго, кај широката публика поминува сè. Само да е весело.
Е, ама, во случајот кај Немања Радуловиќ и неговиот српско-македонско-француски оркестар „Дабл сенс“ што постојано живее и функционира како еден организам, или како што самите велат, како музичко семејство, истата приказна е многу подлабока, изникнува од „корените“, низ процес на фузија ги вкрстува напластеното класичарско „верглање“ со наслушнување на спонтаноста во фолклорот и освојува нови височини во неограничената сфера на уметничката креативност и имагинација. Сепак „набилданите“ класичари со дар за импровизација се чекор пред сите.
Кај ансамблот на Немања Радуловиќ, универзумот се погрижил на исто место да се најдат натпросечен природен дар за виолина, вештина за компонирање, детска љубопитност да се ѕирне во тајните на секоја песна, на творечкиот здив од секое катче на светот, искрена желба за дружење и заедничко дишење преку музика и повеќе од сè, вежбање со религиозна посветеност.
Тоа е тој неверојатен спој што создава силна радост, пред сè кај оние што музицираат заедно на сцена, на секој концерт како да е прв.
Е таа радост допира до секој што ги слуша.
Ирска, Квебек, Шкотска, Кина, Аргентина, Бразил, Русија, Романија, Молдавија, Босна, Франција, Шпанија, Раџастан, Израел, Јапонија, Куба.
Србија.
Македонија.
Секаде.
Следејќи ги на социјалните платформи, запознаени сме со формата низ која ги актуелизираат познатите теми на народите. Личи многу едниставно. Тие се “unique” заради два аспекти: уверлива автентичност на аранжерските преработки и непобитен перфекционизам во интерпретацијата. Без оглед во кое море „се фрлени“. Дали е тоа препопуларната “Por una Cabeza” од Карлос Гардел што талентираниот Александар Седлар неочекувано ја варира во балакнски „коло“-манир, „Подмосковските вечери“ на која воздивнуваат патетичните дами во публиката, ама и кадешто ги слушаме префинетото pianissimo и флажолетите од виолината на Немања , одличната влашка „Мндра мја“, сонливата јапонска „Приспивна“, „Што те нема“ од Јадранка Стојаковиќ што публиката „од тоа време“ ја потпевнува заедно со виолиниската Ксенија Милошевиќ овде во улога на вокален солист отсвирена со длабока мисловност, варијацијата на тема на елегантниот француски валс “Indifférance”, шпанскиот танц во кој доминира виртуозитетот во виолината на Радуловиќ „Катчур Кан“ од далечниот Раџастан во кој оркестарот отсликува боја на традиционален индиски инструментариум, „Македонско девојче“ од Јонче Христовски, романтично отсвирено како дијалог од брачниот пар Радуловиќ и на крајот српските „Пашона коло“ и „Нишка бања“ каде балканската публика реагира катарзично како на свадбена веселба, во сите води Немања Радуловиќ и „Дабл сенс“ пливаат беспрекорно, вешто и инстантно ја „менуваат народната носија“.
Популарноста не ја намалува тежината на секое грижливо дотерано музичко парче. Концертот на Немања Радуловиќ и „Дабл сенс“ оркестарот на „Охридско лето“ ја доживеавме како своевидно модерно толкување на поимот Harmonia Mundi. Средбата во живо со нив е возбудлив естетски чин и секој може да се пронајде во некоја точка.
Зашто многумина се обидуваат да го обединат светот преку музика. На овие луѓе тоа им успева.
Викица Костоска Пенева – музиколог