Импресивна вечер на „Охридско лето“ – промоција на книгата „Боите на мојата музика“ и концерт на Камерниот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар“

Редовните посетители на годинешново „Охридско лето“ имаа прилика по втор пат (после концертот на „Дупре Џез Триото“, проследено со изложбата фотографии од Александар Томовски) да присуствуваат на богато осмислена тематска вечер: промоција на книгата „Боите на мојата музика“ од професор Снежана Анастасова Чадиковска и концерт на Камерниот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар“. Не случајно, промоцијата на ова значајно книжевно дело од професор Чадиковска и концертот беа поврзани во една убава свеченост. Токму Снежана Анастасова Чадиковска, најпрво како учесник во програмските активности, потоа како член на организациско-раководните тела на Музичката младина на Македонија, има особено важна улога во развојниот пат на ова здружение, би се сложиле, концертна агенција за промоција на младите музички уметници во нашата земја. Нејзината идеја оркестарските и хорските ансамбли при ФМУ и МБУЦ да бидат дел од програмите на „Охридско лето“, денес претставува 37-годишна традиција и афирмација на нашите млади музичари од Камерниот оркестар на Музичка Младина, на најзначајниот фестивал.  

Промоцијата на „Боите на мојата музика“ се одржа во Предворјето на Св. Софија. Тоа беше топол, инспиративно осмислен настан со присуство на личности кои со своите обраќања ги расветлија идеите и размислите содржани во книгата, всушност творечкиот и животен пат на Снежана Анастасова Чадиковска. Нејзиниот музички, педагошки, литерарен и општествен придонес е импресивен и има огромно значење за културата во Македонија. Но, читајќи ја книгата, откриваме безброј драгоцени факти за луѓето и настаните што ги обележаа современите текови во областа на културата кај нас. „Боите на мојата музика“ е педантно забележано сведоштво за едно време. Вистинско задоволство беше да се проследат емотивните искази на поранешни ученици на проф. Чадиковска: директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, непосредно, а Сања Шојлевска, Тони Хаџи-Николов и Никола Коџабашија, преку снимени пораки. Тие се само дел од огромниот број уметници кои импулсот да ги насочат професионалните определби во сферата на музиката и културата ги оствариле токму низ посветенета работа на проф. Снежана Анастасова Чадиковска.

Нашиот врвен истражувач во областа на музикологијата и публицист, рецензент на книгата „Боите на мојата музика“, д-р Александар Трајковски, даде опсежен осврт кон содржините на книгата, истакнувајќи дека ова дело претставува не само богата автобиографија и занимливо четиво за широк читателски аудиториум, туку уште еден исклучително важен труд во збогатувањето на современата македонска музиколошка наука. Во таа насока, но и во својство коавтор на книгата, Марко Коловски, несомнено еден од најистакнатите македонски музиколози, со одбрани зборови нагласи дека творечкиот лик на Снежана Чадиковска не е само пијано, музика, пишан збор, ами едно сеопфатно човекољубие кое неа ја прави неповторлива личност во македонската музичка култура.

Многу умешно и допадливо, настанот го водеа охридската ликовна уметница Наташа Попоска – Карче и истакнатиот новинар и публицист Милчо Јованоски, исто така од Охрид. Оперската певица Милка Ефтимова и филмологот Илинденка Петрушева, блиски пријатели на Жани, споделија емотивни сеќавања од минатото, а Алаксандар Геровски, претседател на Музичката младина на Македонија, го заокружи настанот со тоа што ја прогласи Снежана Анастасова Чадиковска за почесен претседател на институцијата.

Во продолжение, во црквата Св. Софија се одржа концертот на Камерниот оркестар на Музичката младина, што од 2018 година го носи името на Саша Николовски – Ѓумар, еден од најистакнатите раководители на ансамблот, воедно врвен македонски диригент.

Програмски, концертот опфати разнолики дела од повеќе стилски епохи: Моцарт, Росини, Хендл, Џордани, Чајковски, Перголези, Шуберт, Шнитке, Пјацола. Задоволство беше да се следи полетниот настап на младите музичари, полн со ентузијазам и амбиција. Бездруго, примарна цел на летните музички кампови во организација на Музичката младина е едукација и промоција на младите уметници, но и да им се овозможи учество на таков престижен интернационален фестивал како „Охридско лето“.

Низ годините, токму рецензиите на Марко Коловски и Александар Трајковски, сведочат за развојниот пат и успешните настапи на камерниот ансамбл на ММ на „Охридско лето“. За диригентите, за солистите што токму со овој оркестар ги направиле почетоците во концертните кариери.

Така беше и на овој концерт. Ансамблот настапи под водство на младиот, но веќе познат диригент и пијанист Иван Еминовиќ, а како солист ја слушнавме сопранистката Марија Ташевска. Изведбата, очекувано, заради младоста, неискуството и училишното ниво на оркестрантите, пулсираше низ одбраните пиеси со различен интензитет. Од извесни разидувања меѓу оркестарските групи (виолини наспроти басова секција – виолончела и контрабаси) во Дивертиментото во Еф-дур К138 од Моцарт, разиграни арии со одмерен настап на сопранистката Ташевска (од оперите „Бастиен и Бастиена“ од Моцарт, “Ombra mai fu” од Хендл, “Caro mio ben” од Џордани, “Lascia ch’io pianga” од Хендл, “Stizzoso mio stizzoso” од Перголези, “Sei mir Gegrust” од Шуберт) па сé до „Елегијата“ од Чајковски, „Полката“ од Шнитке и „Обливион“ од Пјацола (во чест на маестро Саша Николовски) во кои слушнавме изненадна зрелост, страст и цврстина во обликувањето на оркестарското согласие. Треба да се нагласи дека диригентот Иван Еминовиќ игра особено важна улога во целосното профилирање на ансамблот. Со видлива и сугестивна гестикулација, прецизни движења и внимателни стилско-карактерни дистинкции меѓу пиесите, Еминовиќ вешто ги води младите инструменталисти. На нив останува да продолжат да ги усовршуваат своите индивидуални свиречки вештини и да работат на „дотерување“ и усогласување на камерниот звук. Се разбира со искуството, веруваме дека ќе го интензивираат и квалитетот на тонската боја и динамичност.

Сепак тоа беше солиден концерт што емитуваше оптимизам и ведрина. Мисијата на Музичката младина на Македонија успешно продолжува: подем на камерното и оркестарското музицирање кај нас и секако збогатување на програмите на „Охридско лето“

Викица Костоска Пенева – музиколог