Длабоко навлегувајќи кон средината на фестивалската програма, „Охридско лето“ ја приреди традиционалната „Вечер на Европска унија“, во чија поддршка, активно е вклучена делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија. По поздравните говори на директорката на фестивалот Наташа Поповиќ и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, овогодинешната „европска вечер“, својот музички израз го оствари преку гостувањето на двајца млади, исклучително музикални и креативни инструменталисти, чија експресија беше водилка на целовечерниот концертен перформанс. Шпанскиот кларинетист Пабло Бараган и француската пијанистка Елоис Бела Кон, со своите музицирања, за прв пат обединети токму на овој концерт, го исполнија просторот на црквата „Света Софија“, каде, импресионирани и инспирирани од нејзината акустика и звучна организираност на сите агли, искреираа пријатно музичко доживување со тематска оригиналност, наизменично изведувајќи дела од истакнати шпански и француски композитори, но и со интерпретативна зрелост. Впрочем, според нивните биографии, обазованието стекнатото на Универзитетите во Севилја, односно во Париз и Виена, а потоа и според течението на нивните индивидуални изведувачки кариери, очекувањата дека ќе имаме можност да слушнеме квалитетни музичари, во потполност се остварија.
Чинејќи пермутација на најавениот редослед, концертната вечер ја започнаа со ефектна изведба на едно од најимпресивните дела на пост-романтичарскиот шпански композитор Исак Албениц, „Севиља“, во адаптација и аранжман за кларинет од самиот Бараган и Крајслер. Ударно и помпезно претставувајќи ги темпераментот и егзотиката на овој шпански танц, ја „фрлија“ провокацијата за атрактивен концертен чин, што самиот след, комплетно го потврди.
Веќе во втората композиција, „Конкурсно соло“ од францускиот композитор Андре Месажер, Бараган имаше можност, која совршено ја искористи, да ги претстави својот виртуозитет и техничката подготвеност. Рамномерно движејќи се со одличната клавирска придружба на Елоис Бела Кон, ги претстави фигурациите во првиот, разигран дел, распеаноста на типичната француска мелодија од вториот, како и интензитетот на ритмиката и мелодиката од третиот дел. Својот „момент“, Бараган го имаше во беспрекорната, виртуозна изведба на секвенците и скаличните и акордски пасажи, при што со особено изразито чувство за динамичко нијансирање, го разлеа кларинетскиот звук низ целиот простор.
Збогатувајќи го настапот со дело кое не беше најавено во програмскиот концепт, дуото на публиката ѝ овозможи да ужива во едно од ремек-делата за кларинет, чија сложеност, како од технички, така и од интерпретативен аспект, претставува предизвик за секој кларинетист, а со кој, Бараган се справи и повеќе од успешно. Со самиот почеток на „Рапсодијата бр. 1“ на Клод Дебиси, двајцата уметници воспоставија еден меѓусебен лирски дијалог, кој подоцна го развија со сите промени на темпото и артикулациски сложености, оформувајќи го богатството на Дебисиевата хармонија.
Најголемото тежиште на првиот дел од концертот, сепак го имаше изведбата на „Сонатата за кларинет и пијано“ на Франсис Пуланк, знаменитиот претставник на Француската шесторка, кој ова свое дело го напишал пред самата смрт и му го посветил на извонредниот композитор и содеец од шесторката, Артур Хонегер. Троставичното дело, музичарите го донесоа со умешно исполнување на сите негови стилски, технички и интерпретациски карактеристики, звучно пренесувајќи ја Пуланковата визија – од дијалогната форма и карактерните, динамичките и тематските контрасти во првиот став Allegro tristramente, преку меланхолијата и смиреноста во вториот став Romanza, до темпераментноста на третиот Allegro con fuoco.
Почетокот на вториот дел од концертот, несомнено претставуваше вистински момент на задоволство, особено за љубителите на лириката. Со изведбата на три песни од шпанските композитори Мануел де Фаља („Астуриана“ и „Нана“) и Исак Албениц („Малорка“), овде, до израз дојде сета меланхолија која може да ја произведе звукот на кларинетот. Благодарение на интерпретација на Пабло Бараган, можеше да се слушне богатството на длабочината која ја поседува инструментот, да се доживеат сите негови бои, со особено прелевање на темните нијанси, а со извонредното изведување на пијано динамиката, да се почувствуваат суштината и карактерот на овие песни, изнедрени од разни шпански предели.
Завршницата на концертот, ја донесе изведбата на Веберовото „Гранде дуо кончертанте оп. 48“, во кое, двајцата уметници, ги покажаа сите свои музички способности, како сублимат на целовечерниот перформанс. Напишано како дело со поденаква виртуозност и тежина за двата инструмента, во звучното оживување од страна на Бараган и Бела Кон, тоа го доби својот вистински израз. Со јасно артикулирана прецизност, интонативна стабилност и интерпретативна креативност, музичарите остварија балансиран дијалог, овозможувајќи си меѓусебно истакнување, но и одлично усогласено заедничко движење по линиите на партитурите. Трите става на ова популарно дело, како еден од стожерите во литературата за кларинет и пијано, ги оформија со голема доза на музикалност и вештина во интерпретацијата.
На задоволство на публиката, квалитетно изведената програма го продолжи своето траење со изведбата на логичниот и очекуван бис. За крај, повторно Дебиси, но овој пат, неговата „Beau soir“, која ги предизвика истите чувства и реакции како и претходно изведените дела, заокружувајќи го целокупниот впечаток, изграден од музикалноста и високиот квалитет на интерпретацијата на двајцата изведувачи.
Александар Трајковски, музички публицист и педагог