По извонредниот концерт во предворјето на „Света Софија“, каде германското Франк Дупре Трио оствари неверојатна симбиоза со публиката, атрактивно и особено уметнички спојувајќи ја класичната музика со џезот, со видливо нетрпение се очекуваше солистичкиот рецитал неколку дена подоцна, на носителот на ова трио, младиот пијанист Франк Дупре. Всушност, Дупре на охридската публика ѝ е познат уште од минатогодишното фестивалско издание, оставајќи голем впечаток при настапот со англискиот виолист Тимоти Ридаут. А, кога зад уметникот се „оставени“ два високо оценети настапи од страна на пребирливата публика, тогаш очекувањата се поставени повисоко, што секако, претставува предизвик и за самиот изведувач. Свесен за тоа, во своето солистичко претставување, Дупре се потруди да го фасцинира аудиториумот од повеќе аспекти – стилски, тематски, технички и интерпретациски.
Она што ја одбележа неговата солистичка вечер, во прв ред, е обединувањето на различни стилски епохи, различни жанрови и авторски потписи, но и културно-цивилизациски различни концепти, што се чини е дел од неговата уметничка импресионираност и тенденција. Во тој контекст, тој постави две трансверзали – поврзувајќи го раниот романтизам, преку импресионизмот, па сè до џезот, но и спојувајќи го американското и западно-европското творештво пресликано од изблиците на германската и фрнацуската уметност со источниот блок, претставен од руската национална школа. Конкретно, со својата уметничка визија за програмско конципирање, а потоа и со умешноста во изведбата, германскиот пијанист Франк Дупре направи еден прелет од Шуберт и Шуман, преку Балакирјев, па Дебиси, Буланже и Равел, сè до Гершвин и конечно, Капустин, разграничувајќи ја вечерта во два, комплетно различни дела, што пак, од тематски аспект и степен на сложеност на материјалот, слободно може да се оквалификува како обединување на два рецитала, во еден.
Во изведбата на сето тоа, овој пат, во внатрешноста на „Света Софија“, Дупре се претстави како извонредно оформен пијанист со исклучително прецизна и префинета пијанистичка техника, убав и изграден тон, владеење на музичката материја и способност за подеднакво маневрирање во различни жанрови.
Во првиот дел од концертот, видлива беше намерата да импресионира со својот виртуозитет, во што и успеа, поставувајќи исклучително сложени дела од пијанистичката литература на 19-от век. Најпрво, изведувајќи ја Фантазијата во C-dur оп.15 „Вандерер“, која се смета за едно од технички најспецифичните дела од пијанистичкото творештво на Франц Шуберт, Дупре го фиксира вниманието на публиката и заслужено доби аплауз, кој по својот интензитет, најчесто е својствен за краевите на концертните претставувања. Со особено изразита бравурозност ја обликуваше структурата на четириставното дело (кое секогаш се изведува без паузи), со слеано преминување, а истовремено и јасно дефинирање на сите целини, на нивната текстура, контрастните темпа и динамичките нијанси.
Во изведбата на „Арабеската во C-dur оп.18“ на Роберт Шуман, мошне суптилно ја претстави и лирската линија на својот интерпретативен темперамент. Со префинета грациозност, мирно се движеше низ Шумановите нежни расположенија, а со својата комуникативна непосредност, ја објасни и личната симболика и поврзаноста со ова дело, лоцирајќи го својот дом, раздалечен само 15 километри од куќата во која живеела Клара Шуман по смртта на големиот композитор.
Од Шуман, Дупре ја продолжи линијата кон руското национално творештво и лидерот на „Руската петорка“, Милиј Балакирјев, изведувајќи ја неговата ориентална фантазија „Исламеј“, што кај најпрефинетите познавачи на пијанизмот присутни во публиката, беше дочекано со особена видлива возбуда, имајќи го предвид фактот дека кај нас, досега, можностите во живо да се слушне ова дело, се сосем минимални. Станува збор за творба, настаната под импресиите на композиторот од убавината и раскошот на природата во Кавказ и целината која локалното население ја гради со неа, а чија сложеност и густа фактура, Франк Дупре ја изложи со особена техничка спретност, извлекувајќи ги симфонизмот и скриената оркестрација вградени во неа.
Вториот дел, или „вториот рецитал“, германскиот пијанист го осмислил како еден вид омаж за Охрид и Охридското езеро, воодушевен од нивната убавина и магија, при минатогодишниот престој на фестивалот. За реализација на својата цел, тој посегна по творештвото на импресионизмот, аплицирајќи ја неговата специфика во сликањето и боењето на Охрид, градејќи при тоа, мошне соодветни асоцијации помеѓу неговите карактеристики и избраните дела.
Претставувајќи го градот над езерото како една бујна градина, најпрво ги изведе Трите пиеси за пијано на младата, но инвентивна француска композиторка од раниот 20-ти век, Лили Буланже – првата „D’un Vieux Jardin“, сликајќи ја со извесна меланхолија, втората „D’un Jardin Clair“, со нијанса на будење и отворање, а третата „The Cortege“, со возбудлива и игрива динамика. Во понатамошниот тек, преку суптилноста во звучното оформување на четири прелудиуми за пијано („Les collines d’Anacapri“, „La Cathedrale engloutie“, „Ondine“ и „Feux d’artifice“) од Клод Дебиси, Франк Дупре всушност, претстави четири слики за Охрид, разлевајќи ги сите бои сочинети во овие дела на францускиот композитор. Преку раскошноста во толкувањето на композицијата „Барка на океанот“, од циклусот „Огледала“ на Морис Равел пак, се обиде да асоцира звуковно пловење по езерските води.
Официјалниот крај на овој концерт, пијанистот му го отстапи на Џoрџ Гершвин и неговата бујна музика, сочинета во Трите прелудиуми за пијано, каде со неверојатен шарм, сосема самоуверено го вклопи џезот помеѓу „тврдата“ класика.
Секако, воодушевената публика имаше потреба и желба за уште музика продуцирана од овој талентиран пијанист, на која тој одговори со подготвен бис – на сцената ги повика останатите двајца членови од Триото, басистот Јакоб Круп и перкусионистот Оби Јене (кој овој пат, музицираше на чинели и на стаклена чаша), по што заедно изведоа атрактивно џез „парче“ од советскиот композитор Николај Капустин.
На крајот, заедно со нив, публиката и запеа, задоволно поздравувајќи го целовечерниот пат од западот кон истокот, од класиката кон џезот, но и низ музичкиот омаж за Охрид, виден низ призмата на импресивниот германски пијанист.
Александар Трајковски, музички публицист и педагог