Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, акустичниот простор на црковниот храм „Света Софија“, беше подиум на кој можевме да го слушаме звукот на соло виолината, произведен од еден од најактуелните виолинисти на денешницата, Црногорецот Роман Симовиќ. Препознаен како музичар со брилијантна виртуозност, природен талент и бескрајна имагинација, Симовиќ ги освојува најзначајните светски концертни сцени, како „Карнеги хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, „Рудолфинум“ во Прага, „Барбикан“ во Лондон Центарот за уметност во Сеул и тн., градејќи при тоа блескава солистичка кариера. Со својата интерпретација, Роман Симовиќ ја освои и сцената на „Охридско лето“, приредувајќи еден висококвалитетен солистички рецитал – на подиумот, само тој и неговата виолина.
Претставувањето на познатиот виолинист пред охридската публика, може да се оцени како подвиг за почит, имајќи ја предвид програмската содржина на концертот. Имено, Симовиќ, вечерта ја искреира во една тематска единственост, исполнувајќи ги Шесте сонати за соло виолина оп. 27, од белгискиот композитор Ежен Исаи. Со изведбата на целиот циклус сонати во една вечер, и тоа, не било која, туку последната јулска вечер, Симовиќ всушност, симболично ја одбележа 100-годишнината од нивното настанување. Виртуозниот виолинист, композитор и диригент Исаи, своите шест сонати ги напишал во 1923 година, токму во месецот јули, посветувајќи им ги на шест негови современици, исклучителни виолинисти – Јозеф Сигети, Жак Тибо, Жорж Енеску, Фриц Крајслер, Метју Крикбум и Мануел Кирога. За секој од нив, по една соната…
Станува збор за дела со исклучителна вредност, создадени под импресиите на Баховото творештво, кои од технички и интерпретациски аспект, претставуваат предизвик за секој виолинист, а со кој Роман Симовиќ, сосема очекувано, се справи и повеќе од успешно. Нема да биде претерано, ако се подвлече дека тој оствари редок, брилијантен настап, изложувајќи ја целата своја бравурозна техничка совршеност. Сопствената уметничка индивидуалност и интерпретациска самоувереност, ја наметна уште со изведбата на првата соната, одржувајќи ист интензитет сè до последната, шестата. Тој всушност, со својата интерпретација звуковно раскажа шест приказни, со јасна прецизност, формално исцртувајќи ја секоја од нив. При тоа, филигрански ги изведе сите мелодиски линии, главни и скриени, со сите специфики на нивната градба, поставувајќи ги и потребните хармонско-колоритни позадини. Со неговото музицирање, многу вешто ги прикажа сите расположенија, ги наслика сите бои и произведе особено суптилни динамички преливи и нијанси. Слушајќи го неговото свирење, слушнавме извонредно изведени флажолети, арпеџа, прецизно и виртуозно отсвирени фигури и пасажи…
Се поставува прашањето, во која од шесте сонати беше најдобар. Дали во првата, каде со еден мошне софистициран израз и се движеше низ сите четири става, совршено обликувајќи ги нејзините целини; дали, можеби во втората, од самиот почеток, стилски, многу јасно извлекувајќи го цитатот од Баховиот прелудиум од неговата Соло партита во E-dur, ставен во контекст на Исаиовата визија; дали најдоброто го покажа во третата, наречена „Балада“, со која го заокружи првиот дел од концертот, онака како и што започна – виртуозно; дали во четвртата, каде со карактерно обликување преминуваше од Алемандата, преку Сарабандата, па во Финалето, давајќи му еден посебен израз, карактеризирајќи го со особеностите на Жигата; можеби во петтата, живописно претставувајќи го будењето на зората; или пак, во шестата, интерпретирајќи го стилот на шпанската хабанера, вешто прикажувајќи ја сета бујност што ја содржи партитурата.
Прашањето може да се постави и од друг аспект – имаше ли соната во која беше најдобар, или пак, во секоја од нив, беше подеднакво добар… Неблагодарно е да се одговори. Во вакви случаи, кога, најверојатно, станува збор за многу мали, дури и незабележливи нијанси кои би го оформиле одговорот, најдобро е секој слушател да го даде својот суд врз основа на личната перцепција. Сепак, авторот на овие редови ќе си дозволи да заклучи дека најдоброто го препозна во втората соната, во која извонредниот виолинист совршено пристапи во сликањето на четирите става, фуриозно кулминирајќи во последниот, давајќи ѝ ја интерпретациската специфика на темата Dies Irae; но и во третата, каде, најпрво постави еден јасно изразен речитативен стил, а потоа разложувајќи се низ густата хроматика и прецизните мелодиски скокови, да фасцинира во финалето и брзите пасажи.
Внимавајќи на тематската целовитост, Роман Симовиќ, доследно, рециталот го заокружи со инспирацијата на Ежен Исаи и неговата целовечерна скриена присутност – Бах и Сарабандата од Втората партита за виолина.
Беше тоа еден убав и квалитетен концерт, реализиран со сите уметнички финеси, во кој публиката, несомнено уживаше од самиот почеток, па сè до крајот.
Александар Трајковски, музички публицист и педагог