Возвишено естетско доживување ѝ понудија на публиката италијанските уметници тенорот Џани Лечезе и пијанистот Екланд Хаса кои настапија на Италијанската вечер на фестивалот „Охридско лето“.
Италијанската вечер на „Охридско лето“ е традиционална и се одржува со поддршка од Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија. Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри рече дека оваа вечер е посебна бидејќи се одржува на големиот национален празник Илинден, а од друга страна пак, годинава се одбележуваат и три децении од воспоставувањето на македонско-италијанските дипломатски односи.
-Оваа италијанска вечер на 63-то „Охридско лето“ е посебна бидејќи се одржува на Илинден и би сакал да ви го честитам националниот празник. Исто така, годинава славиме 30 години од воспоставувањето на нашите дипломатски односи. Имаме одлична соработка во секое поле со Северна Македонија и секогаш ја поддржуваме на патот кон нејзините евроатлански аспирации. Од економски аспект, ние секогаш сме биле и ќе бидеме едни од најважните партнери за трговија и инвестирање. И во однос на културата, сме многу активни, изјави италијанскиот амбасадор Силвестри.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека годинава фестивалот има рекордна поддршка од страна на дипломатските претставништва во земјава.
– Годинава имаме рекордна поддршка од дипломатските претставништва во земјава. Единаесет амбасади ги поддржаа нивните уметници, наедно и сите амбасадори со нивното присуство, нивните говори и со нивната голема благодарност кон фестивалот „Охридско лето“. Сметам дека тоа е многу важно за нашата култура и за нашите уметници кои понатаму воспоставуваат соработки и надвор од границите на нашата земја, рече директорката Поповиќ.
По вчерашната Италијанска вечер, вечерашната програма на фестивалот ќе биде во знакот на француската уметност со концертот за четирирачно пијано на дуото Дезомбре-Леклер.