Украинска вечер со пијанистот Алексеј Ботвинов

Музичкиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ продолжува со концерт на украинскиот Алексеј Ботвинов, исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист во светот кој на сцена ги има изведено „Голдберг варијации“ на Бах повеќе од 300 пати.

Алексеј Ботвинов настапувал во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Во ноември 2015 година, Ботвинов е прогласен за Народен уметник на Украина- највисоко уметничко признание во Украина, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање,  па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина, и еден од водечките фестивали во Европа.

Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ која му ја доделува Швајцарската влада.

Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој ќе сними ЦД за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. По успехот на ова издание, овие двајца уметници повторно соработуваат во 2022 година снимајќи ЦД во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов кое ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун треба да биде промовирани ова лето.