Музичката програма на 63-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ продолжува со концерт на триото „Аура“.
Овој реномиран камерен состав го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Досега имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Швајцарија, Белорусија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти на покана од реномирани меѓународни фестивали како што се: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ Белград, фестивалот во Ниш, Фестивалот „Барски љетопис“, Фестивалот „Еспресиво“ – Цетиње, Фестивалот „Нимус“, фестивалот „Ледамус“, Врање, Ваљево итн, несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во С. Македонија. На концертните подиуми во земјата и странство, изведуваат дела од сите музички епохи и стилови. Она што ги одбележува овие тројца уметници е што тие редовно промовираат премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за нивното трио. Според критиката нивното заедничко високо естетско, камерно музицирање го карактеризира: „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.