За солистичкиот концерт на инструментот уд, што го приреди Џозеф Тавадрос, екстравагантниот австралиски уметник (роден во Каиро, живее во Лондон, а настапува насекаде) на годинешново „Охридско лето“ имаше необично голем интерес и интернационална публика (негови фанови) од сите страни на светот. Овој, по многу нешта несекојдневен, а исклучително добар музичар ја „обои“ програмата на фестивалот најпрво со својата харизматична и визуелно впечатлива појава, но и со извонреден перформанс на инструментот уд што за прв пат прозвучи во црквата Св. Софија.
Џозеф Тавадрос уште од најраното детство (иако толку далеку од родниот Египет) со осбена страст навлегува во тајните на древниот инструмент, до ниво на висок виртуозитет ја совладува вештината на свирење уд и со текот на годините, ослободен од секакви предрасуди што ги носи арапскиот менталитет, го претставува најпрво на австралискиот аудиториум, а потоа и на целиот свет. Но тоа ни приближно не е традиционален стил што го негуваат блиско-источните свирачи на уд (како што самиот Тавадрос ги опишува, облечени во црни одела, смртно сериозни, постојано оплакувајќи некакви несреќни љубови и тажни судбини). Тој со цел да го приближи предокот на европската лаута, (оттука и гитара) (што преку Андалузија, во Европа, уште во осмиот век го донеле маврите), експериментира со специфичниот звук на овој во суштина нежен инструмент со скромен звучен волумен, што ако подолго време се слуша соло, постои опасност да стане здодевен. (во разговор со уметникот дознавме дека неговиот инструмент е стар десет години и е изработен во Истанбул, Турција, каде мајсторите прават појаки примероци, за разлика од египетските. Нему му е потребен точно таков уд, за да може на моменти да „отшета“ до рок-ен-рол, па и до хеви-метал звучни комбинации!).
Приказната, Џозеф Тавадрос ја започнува со автентичните арапски модуси. Движејќи се по историскиот пат на инструментот уд, преминува кон шпанско фламенко, грчко бузуки, со неверојатно инвентивни импровизации навлегува во модерни џез, блуз, фанк ритмови (и секакви други ритми што во креативниот миг ќе му текнат!) постигнува боја на бенџо, тамбура, харфа, итн.. за на крајот, нам од Балканот сета оваа колоритна лудорија да ни прозвучи сосем блиско во стилот на нашата старинска, македонска чалгија.
Воопшто не е чудно што Џозеф Тавадрос во Австралија е super star, и седум пати е добитник на највисоката австралиска музичка награда АРИА. Тој интересен уметник во весела облека и мустаќи како Херкул Поаро, вели дека ќе осмисли секаква музичка инвенција со цел да привлече што повеќе слушатели, кои низ неговите бравури ќе ја откријат убавината на инструментот уд во дваесет и првиот век. (попримитивна верзија на уд е насликана во египетските пирамиди од пред илјадници години)
Џозеф Тавадрос, освен на уд свири и на многу други жичани и ударни инструменти, (пред сé арапски, традиционални), настапува во секакви можни формации со бројни џез и класични музичари и ансамбли низ цел свет, има напишано прв концерт за уд и филхармониски оркестар, а на концертот во Охрид се претстави со авторски композиции за соло-уд. (сепак, треба да се нагласи дека во основата на неговата либерална интерпретација стои класична и сестрана музичка едукација)
За видливо љубопитната публика во Св. Софија, посебно беше занимливо што уметникот ги коментираше музичките нумери, додавајќи едукативна нота на концертот, на забавен начин, постигнувајќи целосно опуштена и релаксирана атмосфера.
Слушнавме некои од неговите познати теми (Permission to evaporate, Gare De L’est (инспирирана од фреквентната париска метро-станица), Lulli ( на арапски бисери, што во одредени мигови создадоа скриени алузии на „Астуриас“ од Исак Албениц) Give or take, сé до Bluegrass Nikriz (необична мешавина од арапски четврт-тонски напеви и американски блуз!).
Но и покрај целокупниот аудио-визуелен еклектицизам што така отворено го нуди Џозеф Тавдарос… во преден план доминира неговото неприкосновено техничко мајсторство и виртуозно свирење. Тоа е она што остава најсилен впечаток кај публиката. Освен тоа, тој е комплетен уметник, со автентична имагинација во создавањето на темите ама и во креирањето моќни импровизации и варијации, со китнеста орнаментика, толку типична за арапските фолклорни изворишта, ама и задолжителен декор на музиката за жичани инструметни со перце.
Нашата перцепција, а и според одличните реакции и публиката, концертот на Џозеф Тавадрос го означува како своевидно обединување на фантастичните звучни бои на Медитеранот и создавање еден потполно нов музички печат, пренесен низ просторот и времето од блиска и позната мелодика и ритам.
Идејата на уметничкото раководство на „Охридско лето“ да го покани Џозеф Тавадрос беше одличен програмски погодок. Современите врвни музичари, во контекст на неизбежната глобализација, што така смело го прошируваат значењето на поимот “world music”, без сомнеж се иднината на музичката уметност. Тие носат свеж и иновтивен здив на фестивалот и привлекуваат нова генерација публика.
Ќе споменеме и дека покрај другите коментари, Џозеф Тавадрос на концертот изрази огромна чест и задоволство што настапува во таков величествен, православен, духовен храм како што е црквата Св. Софија со оглед на неговата коптска религозна припадност.
Викица Костоска Пенева – музколог