Оперски арии од Верди како осмомартовски подарок за дамите

Арии од италијанскиот оперски Шекспир, Џузепе Верди, вчеравечер одекнаа под сводовите на катедралната црква „Света Софија“ во изведба на италијанскиот тенор Федерико Сера кој настапи во пијано придружба на Антонио Кампоногара.

Концертот го организира Националната установа „Охридско лето“  по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, како дел од замислата на фестивалскиот менаџмент, културата да се негува, не само во стандардниот фестивалски термин, туку и во останатиот дел од годината.

-Ја пренесовме енергијата како една тангента Охрид-Верона бидејќи уметниците  ни дојдоа оттаму. Во безвременската катедрала, црквата „Света Софија“ владееја позитивна енергија и пријатна атмосфера. Осмомартовскиот концерт кој е традиционален настан во организација на „Охридско лето“ беше вистинско уживање и празник за многубројната публика, изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Како што додаде таа, Италијаните се познати во светот како најдобри оперски пејачи и фестивалот кој ја негува  класичната музика  има воспоставено одлична соработка со италијанските уметници.  

-Италија е земја-расадник за оперските пејачи како што се незаборавниот и вонвременски Лучијано Павароти, Андреа Бочели и многу други. Таа има најдобра школа за оперско пеење. Италијаните, пеењето и операта ги носат во душата, во крвта, во нивното ДНК како нација. Нам како фестивал, ни е многу драго што имаме непрекината соработка токму со Италија, земја на културата, која се надевам ќе продолжи и натаму. Посебно ми е драго што Италијаните го доживуваат Охрид како еден посебен бисер и Охридското Езеро го пресликуваат со езерото Комо, рече директорката Поповиќ.

Меѓународниот ден на жената, на припадничките на понежниот пол од сите генерации кои беа дел од публиката што до последно место ја исполни црквата, тенорот Федерико Сера им го честита на македонски јазик, а вистински подарок беше и изведбата на познатата „Time to say goodbye“ од неговиот музички ментор  Андреа Бочели.

Федерико Сера заедно со неговите колеги, италијанските тенори Алесандро Косентино Де Акриса,Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, пред две години приредија спектакл отворајќи го 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.