Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ оствари средба со шпанскиот амбасадор Лозано Гарсија

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата земја Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија.

На средбата беше истакната успешната соработка помеѓу НУ „Охридско лето“ и Амбасадата на Шпанија која дава огромна поддршка во развојот на културата, но и можноста во нашата земја да настапат светски познати уметници од Шпанија токму на сцената на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација.

„Амбасадата на Кралството Шпанија е еден од најголемите и најзначајни партнери на патот кон успесите на „Охридско лето“. Од особено значење е помошта и дејствувањето во оваа сфера од културното живеење на Република Северна Македонија која низ годините вроди со многу значајни настани кои ја збогатија културната програма во земјата и го подигнаа нејзиното ниво“, вели Поповиќ. Поповиќ потенцира дека „Охридско лето“ ќе продолжи и во иднина да гради успешни соработки со амбасадите во нашата земја сѐ со цел остварување уште повисоки дострели во европските и светските културни рамки.