Директорката на Н.У „Охридско лето“, Наташа Поповиќ во рамките на денешната работна средба со Н.Е. францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бoмгартнер изрази огромна благодарност за поддршката која Амбасадата на Франција и Францускиот институт традиционално ја даваат на Фестивалот.
Тоа, според Поповиќ, е привилегија да се донесат врвни уметници на сцената на најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава. Годинава во рамките на „Француската вечер на Охридско лето“ ќе настапи светски познатата пијанистка Софија Вајан. „Француската вечер“ на Охридско лето, која се реализира во соработка со Амбасадата и Францускиот институт станаа една долгогодишна своевидна традиција која придонесе кон успехот на севкупното културно живеење во државата.
Низ годините продефилираа навистина огромен број на уметници од Франција кои имаат светска слава оставајќи свој печат на оваа манифестација. Публиката изминативе фестивалски изданија имаше можност да ужива во моќните изведби на врвните уметнички имиња. Вистинско уживање за љубителите на класичната музика ќе приредиме и оваа година, вели Поповиќ.