Средба на директорката Поповиќ со амбасадорот Силвестри

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ оствари средба со Амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри.

Амбасадорот Силвестри и директорката Поповиќ изразија задоволство од долгогодишната успешна соработка која придонесе Фестивалот да се втемели како најпрестижна уметничка сцена кај нас, но и како препознатлив уметнички симбол насекаде во светот. Врвни уметници од Италија ќе останат забележани во фестивалската историја како најзначајни и најзвучни имиња токму благодарение на ваквата поддршка, смета Поповиќ.

„Посакувам и верувам дека нашата соработка ќе продолжи и следните години и заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на “Охридско лето’. Изразувам искрена и огромна благодарност за поддршката која ни дава Италијанската амбасада која ни дава уште поголем мотив да ја негуваме уметноста но и да го градиме патот кон поголем културен развој. Со ваквата поддршка успеавме да направиме возвишено фестивалско издание и оваа година, издание кое ќе остане во фестивалската историја како успешна приказна достојна за оваа, за нас, најзначајна музичко- сценска манифестација“, вели Поповиќ.

Годинава во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“, на Италијанската вечер ќе настапи ансамблот „Маре Нострум“.