Руско-Германскиот пијанист Александер Мелников вечерва ќе настапи во рамки на музичката програма на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Александер Мелников студиите ги завршува на Московскиот конзерваториум во класата на Лев Наумов, а уште на рана возраст лично го запознава Свјатослав Рихтер кој подоцна редовно го поканува на неговите фестивали во Русија и во Франција.
Мелников е добитник на бројни награди и признанија меѓу кои и на Интернационалниот натпревар „Р. Шуман“ во Цвикау (1989) и на престижниот конкурс „Кралица Елизабета“ во Брисел (1991).
Како солист има остварено настапи со светски познати оркестри и ансамбли меѓу кои: оркестарот „Концертгебау“ во Амстердам, „Гевандхаус“ оркестарот во Лајпциг, Симфонискиот оркестар на Филаделфија, оркестарот НДР во Елбфилхармонијата во Хамбург, Радиооркестарот во Минхен, филхармониите во Минхен и во Ротердам и Оркестарот Би-би-си во Лондон под диригентските палки на меѓу останатите: Михаил Плетњов, Теодор Куренцис, Шарл Дутоа, Пааво Јерви, Томас Даусгард, Максим Емелјаничев, Владимир Јуровски и др. Особено активен на полето на камерната музика, Мелников настапува во пијано дуо со Андреас Штајер, редовно концертира со виолончелистот Жан-Гијен Кејрас и е долгогодишен дуо партнер на реномираната виолинистка Изабел Фауст со која се добитници на наградата „Грамафон“ и се номинирани за наградата „Греми“. Заеднички ова дуо го снима целиот опус на сонати за виолина и пијано на Л. В. Бетовен за издавачката куќа „Хармонија мунди“, а исто така продолжуваат во опсежни проекти снимајќи ги сите сонати за виолина и пијано на Брамс (издадени во 2015) и на Моцарт (изданија промовирани во 2018 и 2021 година). Соло изданието на Мелников на „Прелудиуми и фуги“ од Д. Шостакович е вброено во листата на „50 највлијателни снимки на сите времиња“ од страна на списанието „Би-би-си Мјузик“.