Игор и Ана Дурловски и оркестарот „Ајга“  вечерва на „Охридско лето“ 

Извонредните македонски оперски имиња со интернационална уметничка кариера,Игор и Ана Дурловски, вечерва ќе настапат во рамки на фестивалот „Охридско лето“ заедно со камерниот оркестар „Ајга“  под диригентската палка на маестра Ана Спасовска. Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.

Басот Игор Дурловски дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје со највисоката оцена „Cum Laude“. Дебитира во Македонската опера и балет во 1999 година и има учествувано во петнаесетина нови продукции.

Неговата интернационална кариера започнува во 2001 година во Виенската камерна опера како Нонакоур во операта „Флорентинската сламена шапка“, а потоа следуваат улогите на Плуто во „Танцот на неблагодарните души“од Монтеверди, како и Плутоне во „Евридиче“.Во сезоните 2009/2011 настапува во Државниот театар во Касел во Германија каде остварува десет нови продукции.

Во 2013 година дебитира во Операта во Лајпциг во Вагнеровата опера „Самовили“ која доживува своја реприза на престижниот фестивал во Бајројт. Во 2014 година дебитира во Театарот во Линц во Австрија со улогата на Зарастро, а следната година и во Државниот театар во Штутгарт. Во 2016 година ја толкува улогата на Тимур во „Турандот“ во Макао (Кина), а следната година е дел од продукцијата на операта „Аида“ во Хонг Конг.

Настапувал со филхармониските оркестри во Белград и во Москва, како и со Македонската филхармонија. Има настапувано во дваесетина држави на повеќе континенти.

Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје,  а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и во Албанија.

Во 2006 година таа дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, во Берлинската опера и во Германската опера во Берлин. Од 2006 до 2011 година Дурловски е член на оперскиот ансамбл на Операта во Мајнц каде ги пее улогите на Лучија („Лучија ди Ламермур“), Софи („Кавалер со роза“), Музета („Боеми“) и Манон („Манон“). По овој ангажман, таа станува еден од солистите ангажирани во Државната опера во Штутгарт, каде нејзината интерпретација на главната улога во „Месечарка“ ѝ ја носи наградата „Фауст“ за најдобра женска улога доделена од германската стручна критика, а списанието „Опернвелт“ ја прогласува за „откритие на годината“.  Во Штутгарт ги исполнува и улогите на Моргана („Алчина“), Фоли („Плате“), Сестра Констанцa („Дијалози на камрелиќанките“), Цербинета („Ариадне“), Виолета („Травијата“), Олимпија („Хофманови приказни“), Елвира („Пуритани“) и Норина („Дон Пасквале“).

Во Мадрид настапува како Розина во „Севилскиот берберин“, а е Кралица на ноќта и Олимпија. Во 2014 година дебитира во њујоршката „Метрополитен“ како Кралица на ноќта, улога која ја одбележува нејзината кариера со која настапува и со Берлинската филхармонија на Фестивалот во Баден-Баден под диригентската палка на сер Сајмон Ратл, како и во Мадрид, во Берлин и на Фестивалот во Брегенц.

Во Дрезден ја исполнува улогата на Џилда во „Риголето“, а на престижниот фестивал во Бајројт ја изведува улогата на Валдвогел во „Зигфрид“ во 2016 и 2017 година. Други проекти ги вклучуваат Лучија ди Ламермур во Грац и во Хамбург, ја пее главната улога во „Алчина“ во Стразбур и во Дармштад и е Маргарита во „Хугеноти“ во Манхајм, како и Дона Ана во Театарот во Билефилд.  Добитничка е и на признанија од списанието „Opernglas“ за улогите на Амина и Фоли.

Од 2015 година Ана Дурловски е носителка и на највисокото државно признание – титулата „Национален уметник на Р. Македонија“.

Камерниот оркестар „АЈГА“ е формиран во септември 2022 година и во него членуваат истакнати имиња на концертната сцена кај нас, предводени од концерт мајсторот Ева Богоевска. Оркестарот во различни формации (камерен, гудачки, симфониски) реализира повеќе концерти што предизвикаа бројни воодушевувачки импресии и кај публиката и кај музичката критика

Диригентката Ана Спасовска  е добитник на угледни диригентски признанија, меѓу кои стипендист на Меѓународниот натпревар и фестивал „Жорж Енеску“ во 2024 година и е дел од престижната  менторска програма „Таки-Алсоп“ 2024–2025, преку која остварува соработка со Марин Алсоп. Во 2022 година ја освои Првата награда на Меѓународниот натпревар за оркестарско диригирање во Сегед, Унгарија. Своето диригентско деби го остварува со Симфонискиот оркестар на Дубровник и оттогаш има диригирано со бројни оркестри низ Европа и САД.