Карловицс: „Која е Лорет“ ги повикува младите да размислуваат за тоа како го градиме сопствениот идентитет, но и како ги гледаме другите

Театарот за деца и младинци-Скопје во рамки на драмската програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“  маестрално ја одигра театарската претстава „Која е Лорет“ од Флоранс Кадије, а во режија на Драгана Милошевски-Попова. Претставата, како што вели директорката на Театарот за деца и младинци, Фросина Карловицс, отвора чувствителни прашања за идентитетот, припадноста и прифаќањето на различностите. Претставата испраќа порака дека човекот не може да се сведе на етикета, дека различноста не треба само декларативно да се прифаќа, туку вистински да се разбере и живее, појаснува Карловицс.

Како течеше самиот процес на подготовка на театарската претстава „Која е Лорет“?

Карловицс: Подготовката на „Која е Лорет“ беше внимателен и многу одговорен процес, затоа што претставата отвора чувствителни прашања за идентитетот, припадноста и прифаќањето на различностите. Особено ни беше важно Лорет да не биде сведена на една особина или на однапред зададена претстава за неа, туку да ја прикажеме како целосна личност – дете со свои соништа, таленти, емоции и многубројни улоги. Во работата настојувавме да избегнеме и сентиментализација и директна поучност, а да изградиме искрен и прецизен сценски јазик што ќе ѝ овозможи на публиката да ја запознае Лорет, да ја разбере и да се преиспита себеси.

Актерскиот тим во оваа претстава е извонреден. Тоа го чувствува публиката што ги гледала претходно на сцените. Колку вие, како прв човек на институцијата, сте задоволни од нивната работа?

Карловицс: Исклучително сум задоволна и горда на актерскиот ансамбл на Театарот за деца и младинци. Станува збор за професионалци со големо искуство, широк сценски израз и ретка способност да комуницираат искрено со различни генерации публика. Во „Која е Лорет“ тие покажаа особена чувствителност, дисциплина и мерка, затоа што ваквата тема не дозволува ниту површност ниту патетика. Нивната посветеност не се гледа само во поединечните улоги, туку и во начинот на кој функционираат како ансамбл. Токму таа меѓусебна доверба и заедничка одговорност се меѓу најголемите сили на нашиот театар.

Каква порака испраќа „Која е Лорет“ до младите?

Карловицс: „Која е Лорет“ ги повикува младите да размислуваат за тоа како го градиме сопствениот идентитет, но и како ги гледаме другите. Лорет не е определена само од една карактеристика: таа е ќерка, сестра, ученичка, пријателка, актерка, режисерка и сликарка. Таа е дете кое сака да биде видено, прифатено и сакано, како и секое друго дете.

Претставата испраќа порака дека човекот не може да се сведе на етикета, дека различноста не треба само декларативно да се прифаќа, туку вистински да се разбере и живее. Таа ги поттикнува младите да погледнат подалеку од првиот впечаток и да го препознаат другиот во сета негова сложеност.

Театарот за деца и младинци-Скопје е единствен театар специјализиран за програма за деца и млади. Тоа значи дека има огромна улога во уметничкото и културното образование на младите. Во ова време-невреме кога вестите се преплавени од разно-разни-девијантни појави кај младите, колку  успевате, со јазикот на театарот,  да го задржите нивното внимание и да ги трасирате на вистинскиот пат?

Карловицс: Нашата задача не е на младите да им пропишуваме еден „вистински пат“, туку да им понудиме простор во кој ќе учат самостојно да размислуваат, да препознаваат вредности и да развиваат одговорност кон себе и кон другите. Во време кога се изложени на огромен број брзи, фрагментирани и често агресивни содржини, театарот им нуди нешто сосема поинакво: живо искуство, концентрација, емпатија и средба со туѓа перспектива.

Не се обидуваме да се натпреваруваме со дигиталните платформи на нивни терен, туку да го понудиме она што тие не можат да го заменат – непосреден однос меѓу актерот и гледачот и приказна што продолжува да дејствува и по спуштањето на завесата. Кога младите по претставата поставуваат прашања, разговараат и ги преиспитуваат сопствените ставови, тогаш знаеме дека сме ја исполниле нашата улога.

Каков е репертоарот на Театарот за деца и младинци-Скопје?

Карловицс: Репертоарот на Театарот за деца и младинци е разновиден и се гради според возраста, интересите и развојните потреби на публиката, но и според уметничката вредност на проектите. Тој опфаќа класични бајки и дела од детската литература прочитани низ современ сценски јазик, авторски претстави што обработуваат актуелни општествени и семејни теми, како и куклени, музички, интерактивни и младински продукции. Не сакаме репертоар што само ќе ја забавува публиката, но ниту театар што ќе ѝ држи лекции. Нашата цел е секоја претстава да биде целосно уметничко доживување што ја развива фантазијата, отвора прашања и ја почитува интелигенцијата на децата и младите.

Своите претстави ги играте и надвор од матичната сцена. Каде сè настапувате?

Карловицс: Настојуваме нашите претстави да бидат достапни и надвор од матичната сцена, затоа што пристапот до културата не смее да зависи од тоа во кој град живее едно дете. Гостуваме во повеќе средини низ земјата, каде што се среќаваме со публика која не секогаш има можност редовно да посетува професионален театар за деца и млади.

Истовремено, учествуваме и на значајни регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои „Мали МЕСС“, како и фестивалски програми во Мостар и други градови. Овие гостувања не се важни само поради претставувањето на нашата продукција, туку и поради размената на искуства, запознавањето со нови сценски практики и афирмирањето на македонскиот театар надвор од земјата.

Што да очекуваме ново од овој извонреден театарски ансамбл?

Карловицс: Театарот за деца и младинци влегува во новата сезона со амбициозна и разновидна програма. Од септември публиката повторно ќе може да го следи нашиот редовен репертоар, а меѓу новите наслови е и претставата „Патот на Баба Јага“, која носи ново сценско патување за нашата публика.

Паралелно започнуваме со работа на „Моби Дик“, продукција што претставува сериозен уметнички и изведувачки предизвик за ансамблот и за целиот авторски тим. Станува збор за дело со голем драмски потенцијал, кое отвора простор за силен визуелен и сценски јазик.

Во октомври ќе се одржи и петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Фестивалот е еден од најзначајните проекти на нашата институција и место за средба на релевантни продукции, уметници и различни театарски традиции од земјата, регионот и пошироко. Продолжуваме да работиме на нови претстави, гостувања и соработки што ќе го развиваат ансамблот и ќе ѝ понудат на публиката квалитетен и современ театар.