Харизматичниот холандски виолинист Ниек Бар кому му се воодушевува публиката од целиот свет и американско-холандскиот пијанист Бен Ким настапија вчеравечер во рамки на Холандската вечер на фестивалот „Охридско лето“.
Двајцата извонредни музичари вечерта ја зпочнаа со Сонатата за виолина и пијано од Ц.Франк, а продолжија со уште една Соната за виолина и пијано од Франсис Пуленк. Репертоарот го заокружија со Фантазија за виолина и пијано од Шуберт, ремек-дело напишано во декември 1827 година. Ова е всушност неговото последно дело за овие два инструмента, познато по својата извонредна уметничка длабочина и екстремна техничка тежина за двајцата изведувачи кое беспрекорно беше доловено пред фестивалската публика на „Охридско лето.

Ниек Бар свири на виолина „екс Форнбаум“ изработена од Карло Бергонци во Кремона во 1729 година. Како камерен музичар, има долгогодишна соработка со американскиот пијанист Бен Ким со кој веќе има одржано неколку рецитали на сцената на амстердамскиот „Концертгебау“, во „Концертхаус“ во Берлин и во минхенскиот „Гастајг“ (концерт пренесуван во живо од „БР класик“) и деби во Филхармонијата во Есен во 2021 година. Ова камерно партнерство резултира и со ЦД снимено за „Авротрос класик“ со дела од Крајслер, Моцарт, Бах и Бетовен.

Изведбите на американскиот пијанист Бен Ким се опишани како „еуфорични и полни со виталност“, додека пак сензибилноста и интегритетот во интерпретацијата му носат респект и репутација кај публиката, но и кај стручната критика.

Победникот на 55-от АРД натпревар во Минхен во категоријата пијано, Бен, настапува низ светот во концертните сали како „Карнеги Хол“, „Музикферајн“, „Гевандхаус“, „Сантори Хол“, „Кенеди Центар“, со оркестрите на Германското радио, Баварскиот радиосимфониски оркестар, со оркестрите во Лајпциг, Балтимор, Кјушу, Сеул, со оркестарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, со Симфонискиот оркестар во Дизелдорф, со оркестарот „Тонхале“ под диригентската палка на Кристоф Ешенбах, со Келнскиот камерен оркестар под водство на Кристоф Попен и со Филхармонискиот оркестар на Бусан на „Музикфест Берлин“.
