Фестивалот „Охридско лето“ на чија сцена повеќе од половина век настапуваат најголемите светски музички имиња и најреномираните театарски куќи, е место каде што се зајакнува и меѓукултурниот дијалог. Доказ за тоа е и синоќешниот концерт на Младинскиот камерен оркестар „Турксој“ од Турција.
– Особена чест и задоволство ми е што синоќа на сцената на фестивалот „Охридско лето“ имавме еден младински оркестар, „Турксој“, кој е сублимат од најдобрите млади камерни изведувачи од турското говорно подрачје, изјави селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Според Цуцковски, уметниците, иако се млади, сепак, звучат професионално, а доказ за тоа, како што рече, е и квалитетната изведба на дела од руската и славјанската култура.
– Морам да истакнам дека како музички селектор сум фасциниран од квалитетот на уметниците коишто покажаа една голема руска и славјанска традиција во експресијата и свирењето, а сигурен сум дека и публиката го дели истото мислење. Навистина сум среќен што еден ваков младински оркестар може да звучи вистински, врвно и професионално, додаде музичкиот селектор на фестивалот „Охридско лето“.
Камерниот оркестар „Турксој“ под диригентските палки на Казахстанецот Анвар Акбаров и Азербејџанецот Мустафа Мехмандаров изведоа дела од Грег, Вивалди, Чајковски, Шнитке, Гараев, Респиги, како и од композитори од Киргистан, Туркменистан, Турција, Казахстан и Азербејџан.
Младинскиот камерен оркестар на Организацијата за турска култура секоја година ги одбира најдобрите студенти од конзерваториумите од земјите-членки на „Турксој“ со цел промоција на музичкиот талент и турската култура, како и промоција на дела од композитори со турско потекло кои живеат и творат во земјите на оваа организација. Од неговото основање во 2010-тата година, оркестарот настапувал заеднички девет пати одржувајќи 40 концерти во сите земји на организацијата, како и во Европа и во САД. Во 2011 година оркестарот го снима првиот носач на звук посветен на 20-годишнината од прогласувањето независност на турските републики, додека пак во 2013 година го снимаат второто ЦД по повод одбележувањето две децении од основањето на организацијата „Турксој“.
Оркестарот настапува во Турција и во земјите-членки на “Турксој”, а се издвојуваат нивните настапи на интернационалниот фестивал во Единбург, на фестивалот за млади во Бајројт, како и концертите во престижниот “Линколн Центар” во Њујорк и центарот “Стратмор” во Вашингтон.
На синоќешниот концерт на турскиот камерен оркестар „Турксој“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“ присуствуваа и генералниот секретар на меѓународната турска културна организација, амбасадорот Дусен Касеинов, како и амбасадорот на Република Азербејџан во Скопје, Фаиг Багиров.