Камерниот оркестар на МММ ќе го носи името на диригентот Ѓумар

Камерниот оркестар на МММ ќе го носи името на диригентот Ѓумар

Според претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски,  редовните настапи во Охрид се резултат на одличниот имиџ на „Охридско лето“, но и на акустиката и просторот во црквата „Света Софија“.

 

 

– Концептот ни е младите да ги поврземе низ дружење, свирење добра програма, но и да уживаат во убавините на Охрид. Практично ова е еден од ретките проекти кој битисува 31 година на просторите на Југоисточна Европа, а мислам и малку пошироко. Составот, нормално, секојпат се менува. Има флуктуација на млади луѓе. Некои свират пет-шест години со оркестарот, а потоа завршуваат факултет или ја продолжуваат својата професионална кариера , а ние се трудиме постојано да има нови луѓе коишто ќе уживаат во сето тоа, вели Герасимовски.

 

Младите музичари  под диригентската палка на Италијанецот Џанлука Мартиненги синоќа изведоа дела од Б. Бритен, Р.Шедрин, Г.Ф.Хендл, В.А.Моцарт и А.Шнитке.

За долгогодишните настапи на „Охридско лето“, Герасимовски вели дека се резултат на одличната соработка со фестивалот.
 
– Соработката со фестивалот „Охридско лето“ од секогаш била мошне коректна. Никогаш сме немале проблеми. Се надевам дека овој оркестар никогаш нема да замре и дека оваа единствена фестивалска традиција во светот  ќе продолжи и во иднина, смета претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.
 
Од годинава, оркестарот ќе го носи името на прерано починатиот уметнички раковидител на овој музички состав, диригентот Саша Николовски – Ѓумар.
 
– Мислам дека Саша Николовски – Ѓумар  го заслужи сето тоа работејќи повеќе од 17 години со оркестарот , креирајќи програма, диригирајќи и дружејќи се со сите нас, додава Герасимовски.
 
Камерниот оркестар  на Музичката младина на Македонија  постои повеќе од 30 години. Тој е основан како прв сегмент од Летниот музички камп на Музичката младина во 1986 година во Охрид. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Во досегашното негово опстојување учествувале повеќе од 300  млади  музичари, најчесто студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје но и млади музичари од други земји. Со своето музицирање во целиот  овој период, оркестарот  и’се наметна на музичката јавност не само како неопходност,  туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.