Замислете четири ликови, поделени во два брачни парови, кои на почетокот на претставата се скандинавски воздржани, а на крајот, по речиси два часа интензивна драма,буквално распаднати од најжестоките емоционални соголувања и согорувања. Катарина (Илина Чоревска) и Френк (Огнен Дранговски) е едниот брачен пар, а Јена (Марија Стефановска) и Томас (Здравко Стојмиров) вториот во интимната модерна анти-бајка на шведскиот писател Ларс Норен, во режија на Васил Христов.
Во „Демони“ тие две брачни двојки живеат во иста зграда, во станови еден над друг, се познаваат површно, поздравувајќи се кога ќе се сретнат во заедничките простории. Во еден момент, случајно или не, добиваат прилика да се запознаат поблиску. Навидум се сосема различни: Катарина и Френк делуваат како партнери во либерална врска, Јена и Томас како конзервативни сопружници-родители на две деца. Најпрвин сведочиме на емоционалните амплитуди во односите меѓу Катарина и Френк: меѓусебните обвинувања и контраобвинувања за неверство полека ги соголуваат нивните односи, со бившите партнери и родители. Во секој случај, „воајерот“ од страна не може да им приговори за кусок на страст во нивната врска.
Втората двојка наизглед живее здодевен семеен живот, со грижа околу децата и вообичаените работни обврски. Моментот кога Јена ќе стане предмет на страста на сексуалниот предатор Френк го означува влезот во емоционалните утроби на ликовите. Вообичаените брачни/партнерски приговори за неверство или студенило во врската се удвојуваат, а потоа се мултиплицираат: неверството е покритие за сексуалната импотетност, а таа за латентниот хомосексуализам; љубомората за безусловна страст, а таа дури и за убиство од љубов. Има уште од тој репертоар, бидејќи списокот на внатрешните човекови демони изгледа е неисцрпен…
Поставката на „Демони“ во Народен театар-Битола, напишана во 1982 година, е прва изведба на македонската театарска сцена (февруари 2022) на оваа драма на „новиот Аугуст Стринберг“, како светската театарска критика го нарекува неодамна починатиот Норен (Стокхолм 1944 – 2021). Ларс Норен (Lars Norén; неговото име на шведски јазик се изговара Лаш Нурен), најизведуван шведски драмски писател во неговата татковина и во странство, постојано трагал за нов јазик во мрачните драми, полни со брутални сцени инспирирани од семејните односи, најчесто врзани за влијанието на мајката и таткото. Критиката во неговите драми ја препознава стварноста на шведското општество „процедено“ низ структурата на постмодерната комедија дел арте (commedia dell’arte, театарска форма која е зачната во Италија кон средината на 15. век и била доминантна до 18. век, со пресудно влијание на комичниот театар чиј најрепрезентативен претставник е Молиер).
Преводот од англиски на македонски јазик на „Демони“ е на Снежана Плушковска, сценографијата ја подготви Валентин Светозарев, а костимите Андреј Ѓоргиевски.
Изведбата на „Демони“ на „Охридско лето“ беше на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“. Публиката е на самата сцена, дизајнирана како ултраминималистичка алузија на два дома, форматирана како ринг, а ликовите/актерите се распоредени токму како боксерите во борилиштето, секој во еден агол. Сцената – како и боксерските рингови – од сите четири страни е опколена со гледачите, кои се на еден метар од актерите, и можат буквално да ги допрат, да им го почуствуваат здивот и најмалиот трепет, да ги видат капките – а подоцна и потоците – пот, па нивната „воајерска“ позиција кореспондира и со феноменот на популарните реалните шоуа. По веќе тригодишната одисеја со пандемијата со ковид-19, овој концепт е близок со некаква „touch терапија“ за општа ресоцијализација.
„Демони“ импонира со жестокиот ритам во режијата на Христов и играта на актерите. Чоревска, Дранговски, Стефановска и Стојмиров се како актерски „боксери“ кои го цедат секој атом од нивните улоги, но, во физичка смисла, и од нивните тела. Тој и таков ритам на сцената е своевиден печат и во претходните поставки на Васил Христов на македонските театарски сцени. „Мара Сад“ од Питер Вајс и „Темпирана опера“ по негова драматизација, потоа поставките понов датум на независниот театар „Вондерленд театар“ – Скопје, чијшто коосновач е Христов („Девојката и смртта“ од Ариел Дорфман и „Класен непријател“ од Најџел Вилијамс) се само дел од неговиот препознатлив опус создаван изминативе три децении.
Колку што дијалозите во „Демони“ се истовремено и сурови и сирови, со груба духовитост на работ на коректноста, толку тие го „обојуваат“ лудиот ритам на драмата. Иако изгледа како мошне далечна компарација, музичката завеса составена главно од италијански шансони, канцони и оперски арии ја повлекуваат драматуршката нишка на Норен со споменатата комедија дел арте.
„Мускулите“ на целата оваа фантастична драмска констукција се актерите од битолскиот театар, кои како да поседуваат бескраен дијапазон на изразни средства. Мал број од македонските театарски институции можат да се пофалат не само со успешни промени на актерски генерации на нивните сцени. Но, уште помалку со резултатот што го постигнува битолскиот театар: секоја нова генерација актери да има, ајде да кажеме, супериорни креативни критериуми и достигнувања. Кога ги гледате Чоревска, Дранговски, Стефановска и Стојмиров во „Демони“ како да сведочите на брусење дијаманти во форма на актери, кои одново и одново „согоруваат“ на сцената, а никако не се топат низ актерската игра.
Затоа и аплаузот на публиката на оваа изведба на „Демони“ на „Охридско лето“ траеше неколку минути: тоа беше најмалиот „напор“ што гледачите можеа да го вложат во оваа емоционална авантура со актерите и творците на „Демони“ на народен театар-Битола.
Стојан Синадинов