Тринаесеттиот фестивалски ден на 62-то „Охридско лето“ продолжува денеска напладне со проектот „Монастир“ кој во Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе спои музичари од Израел, Република Северна Македонија и САД.
Тие ќе изведат песни кои во минатото биле омилени кај Евреите од Монастир со тематика што во себе носи носталгија, меланхолија, спасение и слично. Некои песни се изведуваат на јазикот Ладино, сефардски јазик кој го говореле Eвреите во Монастир, додека пак други се на еврејски и на македонски, и во нив се споменуваат Евреите од Монастир.
„Монастир“, проект предводен од вокалистката и композиторка Сара Ароесте ја слави богатата еврејска култура која цветала во Монастир (денешна Битола) пред Втората светска војна. Ароесте која потекнува од Монастир – Битола посветува години на истражување и проучување на приказните и музиката на оваа сега веќе непостоечка заедница.
За време на пандемијата, Сара Ароесте успева дa го создаде и сними албумот заедно со нејзиниот музички соработник Шаи Бахар (Израел), и албумот е издаден во 2021 година кога добива одлични критики и награди. Концертот ова лето претставува прва изведба во живо на албумот заедно со Хелена Суша, Вевки Амедов, Сефедин Бајрамов, Шани Шавит, Мајан Доари и други гости. Со неверојатни визуелизации и со нови, но и стари композиции „Монастир“ ја раскажува музичката историја на една заедница која била нераскинлив дел од животот во С. Македонија. Проектот е еден вид сведочење за едно минато време, со надеж дека музиката од тој период ќе продолжи да „живее“ и денес.
Овој проект е поддржан од Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија.