Со стоечки овации и громогласни аплаузи, публиката на „Охридско лето“ го награди големиот американски пијанист Стив Бјус кој вчеравечер одржа концерт на подиумот во катедралната црква „Света Софија“.
Вечерта исполнета со истенчена сензуалност и неповторливо музичко патување, пијанистичкиот виртуоз Бјус ја започна со композиција од времето на романтизмот, поточно со Сонатата во Е-дур оп.6 од германскиот композитор Феликс Менделсон. На репертоарот беше и Sonata tragica бр. 5 оп.39 од Николај Медтнер, еден од најпознатите руски композитори за пијано, а возбудата растеше и преку големите етиди на Једидиа. Концертот исполнет со висока уметничка креација беше заокружен со соната од американскиот композитор Семјуел Барбер, но не заврши тука, туку продолжи со неколку биса како уметнички десерт за публиката која не ги штедеше долготрајните аплаузи.
Стивен Бјус блескаше со сиот креативен сјај како уметник со вонсериски талент и префинет вкус.
-Прекрасно се чувствувам овде. Ова ми е првпат во Македонија и навистина е неверојатно.Многу гостопримливи луѓе, убаво место . А за оваа црква, не станува збор. Навистина е прекрасно да се свири музика во неа. Премногу сум благодарен што бев поканет да настапам тука. Откако разбрав за „Охридско лето“ досега сум слушал само убави зборови“, изјави Бјус.
Пијанистот Бјус е уметник поддржан од компанијата „Стенвеј“ и предава на Универзитетот „Бригам Јанг“. Критиката за него вели дека е „неверојатно оригинален уметник со уникатен изведувачки пристап“, што всушност се потврди и на вчерашниот концерт на „Охридско лето“.