Во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одигра театарската претстава „Балкан Бордело“ од Јетон Незирај, трансатлантски театарски проект помеѓу САД, Косово и Србија, во соработка со Центар Мултимедија – Приштина, Театар Ателје 212 – Белград и Мој Балкан – Белград/Њујорк. Режисер на претставата е Блерта Незирај.
„Балкан Бордело“ е сага за едно балканско семејство и се темели на Есхиловата трилогија „Орестија“. Како аватар на современиот свет, Агамемнон се враќа триумфално од бојното поле, претворајќи го во пепел ривалскиот град. Но, треската и задоволството што настануваат во неславните победи се крвожедни животни- се хранат и живеат од крв. По враќањето дома, моќниот Агамемнон го чека смрт. Го убива Клитемнестра, неговата злоупотребувана сопруга во желба за слобода. Сега, кога Агамемнон повеќе го нема, Клитемнестра ја презема улогата на насилник – таа станува Агамемнон во негово отсуство – а цел на нејзиното насилство, угнетување и нетрпеливост е нејзината ќерка Електра. Сепак, кругот на насилство не може така лесно да се затвори, затоа што „пролеаната крв бара уште крв“, како што се наведува во стиховите од претставата. Затоа, како што таа го уби сопругот, сега Клитемнестра мора да ја убие нејзиниот син Орест. Тој заедно со неговото момче Пилат, кореографот, се враќа од Берлин, каде што живеел како бегалец.
Врз основа на ова и на црниот хумор, претставата „Балкан Бордело“ го обработи и балканскиот темперамент, следејќи ја морбидноста на човечката душа и осветлувајќи ги глупоста и наивноста на еден период изграден на насилство, нетолеранција и омраза.
Ликовите од претставата се препуштаа на судбината и речиси несвесно паѓаа во стапицата на незадоволството и уништувањето. Таа линија на уништување е она што заведува, исто како што смртта го заведува животот.
„Балкан Бордело“ е претстава за трауматизираните општества кои се јадат помеѓу себе. Нè соочува со војната како машинерија за уништување, во која животот и нормалноста го полагаат оружјето пред неверствата и злото на луѓето. Демократијата не може да се земе здраво за готово. Ги имаме истите примери што ги имавме вчера и денес. Крвавиот Балкан од 90-тите и денешниот Балкан жеден за одмазда. Денешната Унгарија, под автократско раководство на Орбан, каде граѓанските слободи се крадат чекор по чекор. Пост-Трамповската Америка, каде измамените Американци продолжуваат да ги гледаат своите соништа. Турција и Русија, каде луѓето живеат во страв од диктаторската држава. Германија, која сè уште е прогонувана од живиот нацизам. Израелските војници кои ги рушат и уништуваат палестинските градови. Палестинскиот Хамас кој лансира ракети кон израелските градови. Сирија која ја срамнија со земја…