Композиции посветени на големиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов во изведба на сопранот Наде Талевска, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и пијанистот Бобан Мирковски, а во придружба на Ревискиот оркестар на маестро Љупчо Мирковски вчеравечер беа изведени на сцената „Долни Сарај“.
Концертот се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“ а диригент на вечерта беше познатиот македонски уметник Љупчо Мирковски.
-Кога е Џамбазов во прашање, јас сум навикнат да свирам, а тој да диригира, но за жал овојпат е поинаку. Отсвиривме неколку негови композиции што ги направил во текот на животот, од различни жанрови. Сакавме да направиме едно сеќавање на маестро Џамбазов кој остави многу песни и беше еден од најважните луѓе во светот на музиката кај нас и мислам дека заслужи на еден ваков фестивал да има своја вечер, рече диригентот Љупчо Мирковски.
Рапсодија за Скопје, Љубов неверна, Охрид, Охрид, Гитаро Моја, Да нема разделби, Охрид и јас…. беа само дел од композициите на вчерашниот репертоар создадени токму од маестро Џамбазов.
Александар Џамбазов кој припаѓа на четвртата генерација повоени композитори почина на 25 јануари годинава, а зад себе, како диригент и композитор остави богат творечки опус.