Настан за паметење проследен со бурни овации и ракоплескања од страна на публиката донесе синоќа новогодишниот концерт со светски познатиот квартет „Диогенес“ во организација на фестивалот „Охридско лето“.
Со специјално одбрана програма на дела од Јозеф Хајдн, Ервин Шулхоф и Јоханес Брамс, младите виртуози од светот на класичната музика, Стефан Кирпал и Гундула Кирпал на виолина, Алба Гонзалес и Бецера на виола и Стивен Ристау на виолончело приредија несекојдневно воодушевување за љубителите на класичната музика во Националната опера и балет во Скопје.
-Изминативе 62 години Националната установа „Охридско лето“, како претставник и промотор на врвната уметност, прикажува едно континуирано високо ниво на програмски содржини и ексклузивни уметници, како од земјава, така и од светот. Нашата заложба е фестивалската рамка да ја прошириме и надвор од традиционалната, 12 јули-20 август, и тоа успешно го правиме изминативе години. Горда сум што сега за првпат успеавме да реализираме новогодишен концерт со што потврдуваме дека сме скалило погоре во негувањетo и презентирањето на врвната уметност. Тоа е единствениот начин со кој ја оправдуваме водечка улога за обезбедување и презентирање на културните вредности, рече директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Обраќајќи се пред почетокот на концертот, министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, рече дека „Охридското лето“ не познава годишни времиња, туку е фестивал кој надминува какви било врамувања.
-Едноставно, ова е фестивал кој во себе ја има длабоката суштина на уметноста со што стана еден од најпрепознатливите брендови на земјава, во регионот и во Европа. „Охридското лето“ својата мисија на пријателски мост со светот ја шири и со овој празничен концерт. Се разбира дека сите фестивалски вечери на оваа институција се празник, но оваа вечер, пред Нова Година носи посебна свеченост и грижа за публиката. Фестивалот ни порачува дека врските кои културата ги гради се нераскинливи и трајни, и дека уметноста го облагородува животот и ги обединува луѓето, што е осбенво важно во време на празници. „Охридското лето“ ја покажува својата големина испишувајќи ја својата приказна во текот на целата година, најавувајќи нови копродукции и настани во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, и како членка на Европската асоцијација на фестивали, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
За љубителите на класичната музика, директорката Наташа Поповиќ најави и осмомартовски и велигденски концерт во организација на „Охридско лето“, а за претстојното 63-то „Охридско лето“ пак, откри дека нѐ очекуваат 40 фестивалски вечери со настап на светски познати но и докажани домашни уметници.
-„Охридско лето“ е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува со нови содржини, токму благодарение на поддршката што ја добиваме од Претседателот на државата како покровител на Фестивалот, Министерството за култура, Општина Охрид, од нашите спонзори и помагатели, како и од Амбасадите во Република Северна Македонија, додаде Поповиќ.
Во прекрасниот настап на уметниците од Германија уживаа бројни љубители на уметноста меѓу кои дипломати и познати личности од јавниот живот.