ВЕЧЕРЕН ЅВОН; Авторски концерт посветен на 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски
Гоце Коларовски (5.02.1959, Скопје – 30.11.2006, Скопје) ѝ припаѓа на генерацијата македонски композитори чиешто творечко формирање се одвиваше во условите на постојан подем на професионалното музичко творештво и зацврстување на позициите на македонската национална композиторска школа. Потекнува од познатото семејство Коларовски од Скопје – Драчево, а неговиот дедо Миле Коларовски беше истакнат изведувач на кавал и гајда, еден од основоположниците и долгогодишен член на државниот ансамбл „Танец“. Композиторското образование Гоце Коларовски го стекна на Факултетот за музичка уметност – Скопје (класа на академик проф. Властимир Николовски) и на Конзерваториумот „Н. А. Римски-Корсаков“ во Санкт-Петербург (Ленинград, класа на проф. Сергеј М. Слонимски). Подоцна, кај Властимир Николовски ги завршува и постдипломските студии, станувајќи прв магистер по композиција на ФМУ – Скопје. Творештвото на Гоце Коларовски, цврсто потпрено на националната музичка традиција (македонскиот музички фолклор, старото православно пеење), ги одразува и различните текови на современата западна музика: фолклоризмот на Барток и Стравински, но и авангардните постапки низ призмата на полската школа. Во подоцнежниот период особено значење за него добиваат и Веберн и Ајвз – концентрираноста на изразот и рационалноста кај едниот и обемноста и слоевитоста на содржината кај другиот. Специјалниот интерес на Коларовски е насочен кон истражувањето на звукот врз база на феноменот на ѕвоната – воедно и препознатливиот знак на звучниот амбиент на православната традиција. Во композиторскиот опус на Гоце Коларовски, иако не обемен, речиси сите дела претставуваат значаjнa појава и се на репертоарот на музичките уметници и ансамбли во Македонија и други земји. Меѓу нив се Симфонијата, Концертот за оркестар, Концертот за пијано и оркестар, делото „Молитвами“ за симфониски оркестар, композициите за гудачки оркестар, различни камерни состави и солистички инструменти. Прераното заминување на композиторот го остави овој опус отворен, своевиден “unanswered question” (насловот на делото на неговиот омилен Ајвз чијашто тема е цитирана во кантатата „Гласови“ на стихови од Т. Елиот). Поголемиот дел од творештвото на Гоце Коларовски е снимен во МРТ и ставен на носачите на звук издадени од Сојузот на композиторите на Македонија. Во СОКОМ се печатени и неколку негови партитури.
Гоце Коларовски остана во историјата на македонската музичка култура како генеричка личност, промотор на нови идеи, сфаќања и стандарди. Како долгогодишен професор по композиција и група теориски предмети на ФМУ –Скопје, а во два мандата и декан на оваа институција, тој ја поттикнуваше креативноста кај младите со кои штедро ги споделуваше своите знаења и творечка енергија. По негова иницијатива во Македонија се одржаа и првите меѓународни летни школи по композиција. Неговата педагошка дејност се одвиваше на бројни семинари и мастер класи, а беше и поканет професор на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како научник и публицист, тој ги промовираше новите теориски концепти, разработувајќи ги прашањата на современата музика и музичкото образование и претставувајќи ги на бројни научни собири во земјава и странство. Општествената дејност на Гоце Коларовски се одвиваше во Сојузот на композиторите на Македонија каде што повеќе години беше член на претседателството и селектор на манифестацијата „Денови на македонската музика“, придонесувајќи за нејзиниот меѓународен карактер. Гоце Коларовски е добитник на неколку награди и признанија за придонесот во композиторското творештво. Неговата симфониска музика, камерни дела за различни состави, солистички композиции со успех се изведуваат на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и во други земји, секогаш оставајќи траен впечаток со својата длабока мисла, емотивност и композиторско мајсторство.
Викторија Коларовска-Гмирја, музиколог.
Марија Вршкова – пијано
Владимир Костов – виолина
Марија Ѓошевска – пијано
Гонца Богоромова – сопран
Страшо Темков – флејта
Гудачки квартет: Ева Богоевска – виолина, Ивана Здравкова – виолина, Леона Кондратенко – виола, Маја Михајловска-виолончело
Р.С. Македонија
Програма:
Вечерен ѕвон (1992)
Марија Вршкова -пијано
Три прелудиуми за виолина и пијано (1986)
Allegretto
Lento, tranquillo e cantabile
Allegro
Владимир Костов -виолина, Марија Вршкова -пијано
Сонатина за пијано (1980)
Allegro
Песна. Adagio ma molto ad libitum
Presto
Марија Ѓошевска – пијано
Четири снежни мигновенија (2003, на хаику од Мацуо Башо во препев на Томе Арсовски)
Да излеземе во дворон
Првиот снег
Гарванот
Запали го огнот
Гонца Богоромова Краповски -сопран, Марија Вршкова -пијано
Соната за виолина и пијано „Ленинградска“ (1988)
Владимир Костов -виолина, Марија Вршкова -пијано
Сам – Езгија (1997)
Страшо Темков -флејта
Распеви (1991, авторска верзија за гудачки квартет 1992)
Ева Богоевска -виолина, Ивана Здравкова – виолина, Леона Кондратенко – виола, Маја Михајловска -виолончело
Избор на програмата: Викторија Коларовска-Гмирја, музиколог