Прекрасно музичко доживување за крај на класичниот репертоар на годинешното 64.издание на фестивалот „Охридско лето“ приредија француските уметници Ками Тома на виолончело и Жулиен Брокал на пијано вчеравечер во црквата „Света Софија“ во рамките на традиционалната Вечер на Европска унија.
Двајцата уметници, виртуози на своите инструменти, со внимателно одбран репертоар на кој се најдоа композиции од Фредерик Шопен и Огуст Франшом, до крај го задржаа вниманието на многубројната публика која ги награди со бурни овации.
Вечерта на ЕУ ја отвори заменик амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Бен Нупнау, кој се заблагодари за беспрекорната организизација на фестивалот.
-Вечерашниот концерт е дел од долгогодишната поддршка на ЕУ за културните настани и изведби ширум целата земја, поддршка која е наменета да ги прикаже и промовира македонската култура и уметници, да претстави уметници од Европската унија во земјава и да ги спои уметниците од двете страни. И вечерва со восхит ви претставуваме двајца истакнати музичари од Франција, Камиј Тома на виолончело и Жулиен Брокал. Со нетпрение очекуваме да ги слушнеме овде во чудесното опкружување на црквата „Света Софија“, еден од многубројните историски и културни споменици на Северна Македонија со своите прекрасни фрески, рече заменик амбасадорот Нупнау.
Француското дуо, Тома-Брокал ја заокружи музичката програма на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ која понуди 27 прекрасни концерти на домашни и странски изведувачи на класична музика кои со своето беспрекорно мзуицирање до последно место ги исполнија фестивалските гледалишта.