Изложба на фотографии под наслов „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“, Првенец на операта при Македонскиот народен театар ќе биде отворена денеска во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Фотографската поставка ќе биде поместена во дирекцијата на фестивалот, а ќе биде отворена со почеток во 21 часот.
Георги Божиков (Петрич,1931- Скопје, 1986), бас, е еден од клучните духовни двигатели на македонската музичка култура, во оние триесет и две години, што ги живееше со нас (1964-1986). Независно дали станува збор за некоја од неговите 27 оперски улоги, пеени на сцената на Операта при Македонскиот народен театар – но и на значајни европски сцени, дали станува збор за бројните солистички партии во ораториуми и кантати во стилски распон од барокот до денешнината, за концертно изведените соло-песни – бисери на светската вокална литература, или пак, за бројните изведби и праизведби на дела од македонски композитори, Георги Божиков секогаш остануваше врвно професионален, сеопфатно креативен и сугестивен, неповторливо свој и единствен.
Изложбата на фотографии ,,Од уметничкиот пат на Георги Божиков“ е посветена на 50-годишнината од неговиот прв рецитал на фестивалот „Охридско лето“.