„Внатрешен глас на виолончелото и виолината“

Емил Ровнер – виолончело

Виолончелистот, пејач и диригент Емил Ровнер е возбудлив музичар со „неверојатна техника“ (ФоноФорум) и експресивен израз, а покрај тоа тој е искусен педагог и организатор на фестивали. Роден е во Горки во Русија во семејство на музичари, веќе на 10-годишна возраст дебитира со Градскиот симфониски оркестар во Горки. Виолончело учи со Иван Монигети во Мадрид и во Базел, а дипломира во класата на Борис Пергаменчиков на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“ во Берлин. Учел и со легендарниот виолончелист Мстислав Ростропович кој имал силно влијание врз неговиот уметнички развој. Студирал пеење на Школата „Канторум“ во Базел, а посетувал и часови по диригирање.

Неодамнешните концерти на Емил Ровнер вклучуваат настапи со: Прашкиот радиосимфониски оркестар, Корејскиот камерен оркестар во Сеул, Синфониета Краковија, Претседателскиот орекстар во Анкара, деби на фестивалот посветен на Шостакович во Гориш, како и концерти на водечките европски фестивали во Бон и во Гштад. Настапува во концертната сала „Елбфилхармонија“ во Хамбург, како и во Копенхаген и во Луцерн.

Емил Ровнер е победник на бројни натпревари и е наградуван на натпреварот „Јоханес Брамс“ во Австрија, како и на натпреварот во Лозана под патронство на Лорд Мењухин. Во 1998 година освојува прва награда на натпреварот „Ј. С. Бах“ во Лајпциг кога и започнува неговата меѓународна кариера. Од неговиот солистички деби настап со оркестарот „Тонхале“ во Цирих, тој честопати настапува со оркестри како: Филхармонијата во Санкт Петербург, Симфонискиот оркестар во Берлин, Камерата Берн, симфониските оркестри во Москва и во Базел, како и со камерните оркестри во Штутгарт, во Базел и во Минхен.

Тој е еден од основачите и уметнички директор на фестивалот „Резонанци“ во Сент Мориц и на фестивалот „Мјечеслав Вајнберг“ во Дрезден. Емил Ровнер е посветен на камерната музика и во 2007 година е именуван за најмлад професор на Универзитетот „К.М фон Вебер“ во Дрезден. Неговото ЦД со дела од Вајнберг издадено во 2010 година е оценето со 5 ѕвезди од списанието „ФоноФорум“ и е номинирано за наградата „Ехо Класик“.

 

Симон Поповски – виолина

 

Симон Поповски е роден во Битола и своите студии ги завршува во 2014 година.  Магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во  2018 година,  а последователно студира и на Универзитетот во Бока Ратон, Флорида, САД каде се стекнува со диплома во 2022 година. Во текот на своето образование посетува часови и мајсторски курсеви кај: Меи Меи Луо, Олег Кондратенко, Сихана Бадивуку, Сузан Гилмор, Павел Верников, Ванчо Стоилков и други.

Своето искуство го започнува во ансамбли за камерна музика како гудачкиот квартет „Аксиос“, „Кон Темпора“, а работното искуство го гради  како член на Македонската филхармонија, „Палм Бич Опера“, „Атлантик Симфони“, „Бока Симфониета“, „Мајами Сити Балет“, оркестарот за снимање филмска музика (FAME’S), НУ Камерен оркестар на Битола и No Borders Orchestra.

Симон има повеќе пати настапувано како солист со Оркестарот на Музичката младина на

Македонија, со камерниот оркестар и со симфонискиот оркестар при ФМУ-Скопје, со Македонска филхармонија, со НУ Камерен оркестар на Битола, со оркестарот и хорот при ,,Прва

Пресбитеријанска Црква” во Флорида, со симфонискиот и камерниот гудачки оркестар при ФАУ -Бока Ратон и други.

Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола.

 

Евгениј Шчербаков – диригент

 

Кандскиот композитор, диригент и педагог Евгениј Шчербаков е роден во 1958 година во Горки (денешен Нижни Новгород). Уште од раната возраст покажува талент и интерес за музика,  започнува да свири во брас бенд и кога има само 9 години ја пишува првата композиција за пијано „Минути“ која сè уште се изведува во Русија, Европа и Канада.

Дипломирал на одделот за композиција на Конзерваториумот „Глинка“ во Нижни Новгород каде се здобива и со титулата магистер на одделот за композиција и музичка теорија,  а докторира Композиција и педагогија во класата на проф. Борис Гецелев.

Студирал оркестарско и хорско диригирање и на Академијата за уметности во Самара и на Конзерваториумот „Глинка“ каде во периодот од 1990 до 2008 година бил и професор по композиција и оркестрација.

Во 2008 година емигрира со семејството во Канада, каде продолжува да работи како диригент, композитор и пијанист.  Низ годините компонира бројни дела  почнувајќи од композиции за деца, преку камерна и симфониска музика, инструментални дела, концерти, кантати и ораториуми. Многу од неговите композиции се изведени во Украина, Македонија, Русија, Швајцарија, Германија, Белгија и Канада. Шчербаков одржува мајсторски курсеви по композиција и оркестрација во Швајцарија, во Македонија и во Германија.

Добитник е на грантови и интернационални резиденции во Швајцарија и  во Канада како поддршка за развој на неговиот уметнички израз. Од 2008 год. тој е независен професор и консултант за композиција, оркестрација и за оперско и симфониско диригирање, а истовремено работи како диригент на хорот на Школата „Валдорф“ во Ванкувер (2008-2017). Активен е како професор по музика и како пијанист, а посветено работи со неколку хорови во Ванкувер.

  • 00

    days

  • 00

    hours

  • 00

    minutes

  • 00

    seconds

Date

01 Авг 2026

Time

21:00

Cost

MKD500.00

Labels

музичка програма

Location

Црква Св. Софија
Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *