DINE DONEFF STORYTALES (Германија/Грција)
STORYTALES
DINE DONEFF – контрабас, тамбура, тапани, вокал (Германија/Грција)
Харис Ламбракис-неј, оргули
Кирјакос Тапакис – уд
Композиторот, контрабасистот, мултиинструменталистот, едукаторот и авторот со препознатлив музички јазик, Dine Doneff (Костас Теодору) е една од најавтентичните фигури на современата европска џез и world music сцена. Роден е во Германија, во семејство на македонски иселеници, а е израснат во Егејска Македонија. Неговото творештво претставува редок спој на балканската музичка традиција, импровизацијата, современата композиција и личната антрополошка потрага по идентитетот и меморијата.
Самоук музичар, уште од средината на 80-тите години на 20 век ја гради својата кариера како инструменталист, аранжер, продуцент и композитор. Во текот на 90-тите години работи на бројни студиски проекти, а подоцна станува дел од ансамблот на Savina Yannatou и Primavera en Salonico, со кој учествува на повеќе изданија објавени за легендарната издавачка куќа „ECM“.
Неговата музика е длабоко вкоренета во звучниот пејзаж на Балканот, но истовремено се движи низ современиот џез, слободната импровизација и камерната музика. Критиката често ја истакнува неговата способност да ги поврзе авангардата, фолклорот, џезот и современата класична музика во единствен и препознатлив авторски
израз.
Во 2017 година, на иницијатива на продуцентот Manfred Eicher, ја основа издавачката куќа „neRED music“, преку која ги објавува своите најнови проекти. Денес Dine Doneff живее и работи меѓу Германија и Балканот, продолжувајќи да создава музика која ги надминува жанровските и културните граници, а во која личната приказна се претвора во универзален уметнички јазик.
Проектот „Storytales“ е имагинарна песнарка од балади, приспивни песни, приказни и обредни мотиви, инспирирани од македонското народно поетско наследство. Неговите музички приказни ги оживуваат уметниците поврзани со повеќедецениска соработка и исклучително искуство во спојувањето на композицијата и слободната импровизација.
