Романтична сензуалност донесе Шпанската вечер на „Охридско лето“

Традиционалната Шпанска вечер на фестивалот „Охридско лето“ донесе неповторливи мигови за публиката преку извонредниот глас на сопранот Еугениа Боикс и пијано изведбата на Ана Ферер. Двете шпански уметници на концертниот подиум во „Света Софија“ оставија силен впечаток, но по синоќениот концерт и тие беа восхитени од местото каде што настапија.

-Првпат сме во Охрид и во црквата „Света Софија“. Ова е прекрасно место и навистина ни беше огромно задоволство да настапиме тука. Ја претставивме шпанската музика пред публиката на овој фестивал, вели сопранистката Боикс.

Нивниот репертоар беше разновиден, а го започнаа со тонадиљи и љубовни песни од Енрике Гранадос.

-Во првиот дел донесовме тонадиљи и љубовни, романтични песни. Имаше и популарна музика со француска основа, но сепак, прилагодена на шпанската традиционална музика. Вториот дел беше поразличен од првиот. Доловивме оперети потипични за машка изведба, вели пијанистката Ферер.

 

Во текот на својата кариера, Боикс настапувала во повеќе оперски куќи со одлични оркестри, под диригентската палка на еминентни диригенти од светот. Во нејзиниот репертоар, покрај оперите, често може да се сретнат и ораториуми. Настапува и како камерен музичар со голем број познати изведувачи и ансамбли во Франција, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Русија, Полска и Америка.

Пијанистката Ферер редовно настапува како камерен музичар во состави со признаени музички уметници, но не ја запоставува ни својата солистичка дејност, соработувајќи притоа со различни оркестри во повеќе земји во светот. Истовремено води и одлична педагошка дејност на Конзерваториумот во Жирона, каде веќе 12 години го води одделот за пијано и камерна музика.

Еугенија Боикс и Ана Ферер се запознале пред осум години, и оттогаш наваму настапуваат заедно. По „Охридско лето“, двете шпански уметници кои оставија силен впечаток кај фестивалската публика, ќе одржат концерти во Сардинија и Милано, Италија.