Драг пријателе на Охридско лето, Златко Славенски, прерано згасна но вечно ќе се паметиш

Со огромно жалење го изразуваме нашето сочувство до фамилијата, пријателите, колегите…

Искрено жалиме што заминува  уште еден  голем уметник, славниот македонски режисер и драматург Златко Славенски, човекот кој со неговите дела остави неизбришливи траги во историјата на македонското драмско творештво.

Големите личности  секогаш имале посебно место  на сцената на Охридско лето.  Вечно ќе му бидеме благодарни што својата уметничка, професионална дејност несебично ја воздигнуваше оставајќи врвни уметнички вредности на театарската сцена.

Огромна и вечна ќе биде благодарноста за неговиот придонес во развојот и афирмацијата на оваа врвна македонска културна манифестација.

Творечкиот дух  и  творештвото на уметникот остануваат за навек запаметени.  Перото на критичарот никогаш не ги штеди зборовите за оние кои имаат богато и големо творештво, оние кои секогаш се издигнуваат над останатите.  Критиката секогаш е позитивна само за најдобрите. Токму таа засегогаш ќе сведочи за големината на Златко Славенски на театарската сцена. Фестивалската публика на Охридско лето уште многу години ќе ја чувствува силината на впечатоците од театарските престави режирани токму од Славенски: во 1996 година премиерата “АМАДЕУС”, година потоа барокната опера “Слугинката господарка”, во 2001 уште една премиера “Пер Гинт”, 2002 година ,,Собрани дела од Шекспир” работено според едночинки од Том Стопард, премиерата „Соларис“ во 2007 година и во 2013 година исто така премиерна театарска престава „Кавкаски круг со креда“ од Бертолт Брехт. Дела кои ќе останат во вечната светлина на безвременоста со кои допрел до публиката и кои вечно ќе патуваат низ времето.

Не постојат зборови со кои можеме да ја утешиме болката за загубата на семејството ниту зборови со кои ќе ја  искажеме благодарноста за неговиот придонес во градењето на успешната приказна наречена Охридско лето.

Во овој момент ја нема насмевката на нашите лица но покрај тагата  чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со  личност ценет меѓу сите нас, доверлив а пред се добронамерен како за оние од светот на уметноста така и за сите останати.

Драг пријателе на Охридско лето, прерано згасна но вечно ќе се паметиш.

Почивај во мир

Фото архива Охридско лето

30.07.2013

ПРЕДВОРЈЕ НА  “Света Софија” ПРЕМИЕРА НА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „КАВКАСКИ КРУГ СО КРЕДА“ ОД БЕРТОЛТ БРЕХТ Во режија на Златко Славенски, Македонија, во изведба на НУ Драмски Театар, Скопје – Македонија