Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Каде е пиштолот“ од Габор Ѓореј, во режија на Дејана Николовска, а во изведба на Народниот театар од Охрид.
Претставата ќе се одигра на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Станува збор за модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејството.
Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго, туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој има четворица луѓе што седат и петтиот кој вперува пиштол во нив. Четворица од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној во кого со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај.
Дејана Николовска е втората Македонка што има завршено театарска режија во Москва на ГИТИС, Руската академија за театарска уметност (по Иван Поповски). Родена е во Скопје 1981 г. На режисерскиот факултет на ГИТИС се запишува во 2000 година во класата на професорот Леонид Хеифец. Во 2003 г. како студент во трета година ја поставува претставата „Семејни приказни“ од Биљана Србљановиќ која ја добива наградата за најдобра режија помеѓу студентските претстави во Русија. Од 2005 – 2009 г. работи како асистент-педагог на катедрата за режија во класите на професорите Олег Кудрјашов и Леонид Хеифец. Моментално ги завршува магистарските студии и е слободен уметник. Освен театарот како основна професија и позив, се занимава и со филм. Најзначаен филмски проект е снимањето на серијалот „Именденот на Татијана“ (220 епизоди) за првиот канал на Руската Национална телевизија. Исто така, има големо искуство во шоу-бизнис индустријата како режисер во RosArt Group production company во Москва.
Улогите ги играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски. Сценографијата, костимографијата и дизајнот на светло ги изработи Милена Пантелеева, а музиката е на Гаро Ашикјан.