Камерна музика вечерва во црквата „Света Софија“

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ја продолжува музичката програма со концерт на Камерниот оркестар Софиски солисти  од Бугарија кој ќе настапи под диригентската палка на Георги Патриков. Солист на вечерта ќе биде познатиот македонски флејтист Страшо  Темков.

Камерниот оркестар „Софиски солисти“ е основан во 1962 година од страна на група млади музичари, тогашни членови на Софиската опера. Првиот концерт се одржал во март 1962 година под диригентската палка на Михаил Ангелов и веднаш ги освоил симпатиите на софиската публика. Тројца диригенти одиграле значајна улога во развојот на овој ансамбл и во креацијата на нивниот специфичен и препознатлив звук: Васил Казанџиев (1964-1978), Емил Табаков (1979-1988) и актуелниот диригент на оркестарот Пламен Ѓуров којшто го раководи од 1988 година. Од основањето до денес „Софиските солисти“ отсвириле повеќе од 3000 концерти низ целиот свет.

Ансамблот остварил бројни турнеи во земјите од Европа, но и 10 турнеи во САД, 13 во Јапонија, 7 во Кореја, но и настапи во Кина, Австралија и Јужна Америка. Настапувале во престижни концертни сали како: „Карнеги хол“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ и „Барбикан“ во Лондон, „Гевандхаус“во Лајпциг, салата „Гаво“ во Париз, „Концертгебау“ во Амстердам, операта во Сиднеј, „Сантори хол“ во Токио и „Симфони хол“ во Осака.

Георги Патриков е роден во 1979 година во Софија каде и студирал на музичката академија „Панчо Владигеров“ и тоа хорско диригирање. Се усовршувал на бројни мајсторски курсеви кај еминентни диригенти меѓу кои и Јорна Панула. Патриков е лауреат на натпреварот за диригенти „Генадиј Рожденственски “ во 2006 година, а настапува како гостин – диригент со водечките оркестри во Бугарија меѓу кои „Софиски солисти“, оркестарот на Бугарското национално радио, Филхармониите на Пловдив и Варна, операта во Русе и др. Неговите снимени материјали вклучуваат музика од бугарски композитори и се реализирани за Бугарското национално радио.

Македонскиот флејтист Страшо Темков дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Од 1991 како вработен во Македонската филхармонија редовно ги изведува впечатливите сола на светската оркестарска литература. Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри , рецитален солист,  но и како член на реномираниот Македонски дувачки квинтет  и други камерни состави. Како солист со оркестар настапува со Филхармонискиот оркестар во Хо Ши Мин, Виетнам, со Македонскаста филхармонија и со други камерни ансамбли. Страшо Темков настапува на сите музички фестивали во земјава  но и во странство. Темков е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, основач  е на квартетот флејти „Аулос“, триото „Аура“ и редовно е покануван да биде член на жири на домашни и меѓународни натпревари. Во соработка со пијанистката Марија Вршкова има издадено два компакт-диска, а во 2017 година е добитник на наградата „Златна лира“ која ја доделува Здружението на музички уметници за врни достигнувања во областа на музиката.