Музиката на Софиските солисти ги допре срцата на публиката на „Охридско лето“
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“ донесе концерт на Камерниот оркестар Софиски солисти од Бугарија кој настапи под диригентската палка на маестро Георги Патриков.
Солист на вечерта беше познатиот македонски флејтист Страшо Темков кој вели дека првпат настапува со овој реномиран камерен состав.
-„Охридско лето“ е нашиот најпрестижен фестивал, гордост на државата. Мене ми претставува посебна чест секој настап на фестивалот. Годинава пак, ја имам честа да настапам со еден од најреномираните камерни оркестри на Балканот, па и пошироко, Софиски солисти. Што се однесува до репертоарот со кој настапивме, можам да кажам дека се работи за летна програма со која сакавме да ја релаксираме публиката од секојдневието, вели флејтистот Темков.
Публиката уживаше во Античката свита на композиторот Џон Рутер, во моцартовото Диовертименто за гудачи, во Едноставната симфонија на Бенџамин Бритн, во Серенадата од Антонин Дрворжак, а извонредните музичари ја доловија и композицијата Македонско капричо од Драган Шуплевски.
Камерниот оркестар „Софиски солисти“ е основан во 1962 година од страна на група млади музичари, тогашни членови на Софиската опера. Првиот концерт се одржал во март 1962 година под диригентската палка на Михаил Ангелов и веднаш ги освоил симпатиите на софиската публика. Ансамблот остварил бројни турнеи во земјите од Европа, но и 10 турнеи во САД, 13 во Јапонија, 7 во Кореја, но и настапи во Кина, Австралија и Јужна Америка. Настапувале во престижни концертни сали како: „Карнеги хол“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ и „Барбикан“ во Лондон, „Гевандхаус“во Лајпциг, салата „Гаво“ во Париз, „Концертгебау“ во Амстердам, операта во Сиднеј, „Сантори хол“ во Токио и „Симфони хол“ во Осака.