СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ОХРИДСКО ЛЕТО, БАЛЕТСКИ ГАЛА КОНЦЕРТ „ГОЛЕМИОТ ЧАЈКОВСКИ“
Еден од најзначајните композитори на светската музичка ризница П.И. Чајковски е автор на три значајни балетски партитури кои се столбови на балетската уметност. Создавајќи ја музиката за балет, Чајковски сметал дека таа е подеднакво важна како и дејствието на сцената, поради што музиката на неговите балети е ненадмината по нејзината убавина, комплексност и богатство на оркестрација. Борбата на доброто против злото е честа тема во неговите балети и Чајковски исклучително умешно ја „слика“ таа борба во која светлината секогаш победува над темнината.
„Заспаната убавица“, „Оревокршачка“ и „Лебедово езеро“ имаат централно место во репертоарите на сите балетски куќи, а Националната опера и балет со изборот на сцени од овие клучни дела прави достоен омаж наречен „Големиот Чајковски“.
Настапуваат балетските првенци:
Марија Кичевска – Шокаровска
Мими Поп Алексова – Атанасовска
Васил Чичиашвили
Бобан Ковачевски
Балетски солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет
Диригент: Бисера Чадловска
Концерт мајстор: Климент Тодороски