Маја Богдановиќ, виолончело и Даниел Роланд, виолина – Холандија

Дуо Роланд- Богдановиќ   Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд и српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ ги спојуваат своите неверојатни енергии во исклучително музичко партнерство. Од основањето на нивното дуо во 2018 година, тие настапуваат  на бројни фестивали во Европа, САД и Јужна Америка освојувајќи ја публиката со нивната страст, нежност и авантуристички конципирана програма, како и со нивната иновативност и прекрасно чувство за меѓусебно надополнување и музичка комуникација.  Редовно се  гости на холандската радио и телевизија и се особено посветени на проширување на релативно малиот репертоар за оваа комбинација  инструменти. Нивното неодамна издадено ЦД за компанијата Challenge Records вклучува светски премиери и дела од Пендерецки, Солима, Васкс, Нисинман и е одлично примено од музичката критика. Американскиот магазин American Record Review пишува „Исклучително- неверојатно богатство, комплетно уживање“, додека пак дневниот холандски весник „Ханделсблад“ го опишува како „магична средба на виолончелото и виолината“   Даниел Роланд-виолина Даниел Роланд се етаблира на интернационалната музичка сцена како разновиден, комуникативен и  харизматичен изведувач со широк репертоар од барок до современа музика. Во изминатите концертни сезони настапува со оркестри од Тромсо на северот на Норвешка до оркестрите во Кејптаун, а соработува со водечки диригенти како: Хајнц Холигер, Јаап ван Цвејден, Франсоа Ксавиер Рот, Лоренс Фостер, Росен Миланов и Андреј Борејко. Тој е посветен камерен музичар, неговите настапи му носат соработки со истакнати музичари меѓу кои и:  Иври Гитлис, Хајнц Холигер, Жил Апап, Ана Федорова, Александер Лонквих, Нино Гветадзе Мајкл Колинс, Николас Даниел, Владиимир Менделсох, Ларс Вогт, Алберто Месирка, Вилард Вајт и Елвис Костело. Во 2005 година Даниел го основа Интернационалниот музички фестивал Штифт во регионот Твенте во источна Холандија. Фестивалот е меѓународно признат поради интимниот карактер, авантуристичка програма и прекрасна атмосфера. Дванаесет години Роланд беше водач на познатиот „Бродски“ квартет со кој настапуваше ширум светот и со кој остваруваше многу снимени изданија меѓу кои и познатиот циклус на дела од Шостакович. Даниел Роланд предава на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.   Маја Богдановиќ-виолончело По нејзиното неверојатно деби во Њујоршкиот „Карнеги Хол“, специјализираното списание „Страд“ ја опишува нејзината интепретација како „исклучителна изведба проследена со тонска убавина и зрелост“. Од тогаш, Маја Богдановиќ се вбројува во најдобрите виолончелисти на денешницата. Концертно настапува со „Тонхале“оркестарот во Цирих, со Филхармонијата во Токио, со Минхенскиот камерен оркестар, Белградската филхармонија, Берлинскиот симфониски оркестар и оркестарот на РТВ Словенија. Како камерен музичар таа е чест гостин на фестивали за камерна музика ширум светот настапувајќи со исклучителни уметници како: Марта Аргерич, Јуриј Башмет, Јулијан Рахлин, Нино Гветадзе, Немања Радуловиќ и Мариана Ширнијан. Има издадено неколку носачи на звук за компаниите „Лиринкс“ и „Нимбус“, а нејзиното соло-рецитално ЦД  „Источен ветер“ е снимено за „Орхид класикс“ со пијанистката Марија Белоусова. Посебно место во репертоарот на Маја Богдановиќ заземаат делата од современите автори, па така таа премиерно изведува дела од: Николас Бакри, Софија Губајдулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Исидора Жебељан и др. Нејзината соработка со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки започнува во 2008 година со настапите со Белградската, а потоа и Словенечката филхармонија каде го изведува неговиот втор концерт за виолончело и оркестар под диригентската палка на самиот композитор, а подоцна заедно го снимаат истото дело за издавачката компанија „DUX”. Маја Богдановиќ е лауреат на повеќе меѓународни натпревари, а образованието го стекнува на конзерваториумот за музика во Париз на кој  дипломира и магистрира во класата на Мишел Штраус, а камерна музика посетува кај Пјер-Лорен Аимар и Итамар Голан. По студиите во Париз се усовршува во Берлин под водство на Јенс Петер Маинц, а посетува мајсторски курсеви кај Бернард Гринхаус, Албан Герхард и Хајнрих Шиф.