Неповторливо двочасовно музичко доживување приреди синоќа на фестивалот „Охридско лето“ еден од најистакнатите македонски пијанисти од помладата генерација Дарко Костовски.
Понесен од моќта на магијата на пијаното, Костовски брилјираше на концертниот подиум во „Света Софија“ и на возбудлив интерпретативен начин како што им наликува на големите мајстори на пијано, донесе внимателно избран репертоар измамувајќи громогласни аплаузи и восхит кај слушателите.
-Минатата година одбележавме 250 години од раѓањето на Бетовен така што беше застапен на репеторарот на концертот. Другиот дел беше македонски автор, Панде Шахов со „Шест вињети“, а во вториот дел од концертот отсвирив циклус од повеќе парчиња од творечкиот опус на Шопен, вели Костовски.
Сепак, признава тој, најтешко е да се свири пред домашната публика.
-Се чувствувам прекрасно зашто најтешко е да се свири пред домашната публика. Ги познавам сити мои колеги од кои голем дел беа во публиката. Со посебен слух сите беа во очекување така што од една страна ми беше големо задоволство, а истовремено и обврска, додаде Костовски.
Емотивните бранувања на синоќешниот концерт беа крунисани со валцер од Шопен, но и покрај двочасовното музицирање над пијаното, скромниот по карактер уметник, ја испочитува публиката која по завршувањето на концертот чекаше во долга редица да му се заблагодари што им овозможи да уживаат во врвното пијанистичко мајсторство.
Младиот харизматичен пијанист Дарко Костовски е роден во 1978 година во Скопје и првите знаења од областа на пијаното ги добива од професорите Аида Ислам, Марија Писинова и Борис Романов во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
На возраст од само 15 години, Костовски е примен како најмлад студент на Музичката академија во Келн во класата на проф. Арбо Валдма, каде се стекнува со највисок степен на образование и почести „Cum Lauda” како концертен пијанист во 2014 година. Се усовршува на мајсторски курсеви со Александар Лонквич, Павел Гилилов, Паоло Џакомети, Хенри Сигфридсон, Рита Кинка, Кемал Гекиќ, Евгени Корољов и Ѓерги Куртаг. Носител е на награди од повеќе меѓународни натпревари.
Како солист концертира во многу земји вклучувајќи ги: Франција, Австрија, Италија, Белгија, Естонија, Финска, Египет и Германија. Гостин е на бројни национални и интернационални фестивали како: „Клангбоген“ во Виена, „Охридско лето“, „Скопско лето“ , „Експо“, „Еурегио“ и „Бетовен фестивал Бон“ во Германија, а настапува и во филхармониските сали во Келн и во Бон, палатата Версај во Париз, домот на Франц Шуберт во Виена, поранешниот Бундестаг во Бон, операта во Каиро и на Експо2000 во Хановер.
Настапува со оркестрите на Музичката младина на Македонија, Камерниот оркестар на МРТВ, Загрепски солисти итн. Неговиот ентузијазам за камерна музика го преточува во камерното дуо „Дали“ заедно со виолинистката Лиза Марија Шуман.
-Се уште постои дуото со мојата драга колешка Лиза Марија Шуман, на мое големо задоволство. Имаме извонредна соработка. Како дуо во текот на август ќе одржиме концерти во Бон и во Келн, најавува тој.
Македонскиот уметник Дарко Костовски живее и работи во Германија.