„Охридско лето“ вечерва ја носи танцовата претстава „Сви марш на плес“

„Охридско лето“ вечерва од 21 часот на сцената „Долни Сарај“ ја носи танцовата претстава „Сви марш на плес“ на музика од легендарната група „Бијело дугме“ а во кореографија на Игор Киров.

„Сви марш на плес“ не’ носи во еклектичен измислен свет во кој песните на култниот екс-ЈУ бенд  Бијело Дугме стануваат основа за приказната за едно време и една генерација.

Tема на повеќето песни на оваа група е љубовта и љубовните односи, од оние кои ги посакуваме до оние кои се живеат, или пак оние кои веќе се на нивниот крај и припаѓаат на носталгична рефлексија на нивните јунаци. Инспирација за атмосферата на претставата е најдена во спотовите на бендот- енергични, разиграни, потполно во духот на светските трендови на тогашната рок сцена.

Рок движењето во поранешна Југославија беше симбол на еманципација на младите и на прогресот на општеството, додека пак неговиот предзнак сепак алудира на руралниот контекст на едно општество кое сѐ  уште не созреало, но како такво има и свои позитивни страни- чистина и детска наивност. Токму тие позитивни страни се основа за звукот на Бијело дугме кој успешно ги спојува традиционалните елементи со оние современи, препознатливи локални звуци и со алтернативните звуци на рокенролот.

Енергија и предаденоста на танчарите  на модерниот балет, во комбинација со музиката на Горан Бреговиќ и креативниот импулс на Киров гарантираат свежо и иновативно театарско искуство. Во претставата играат Емир Фејзиќ, Зулеја Кечо, Бранко Митровиќ, Лука Живковиќ, Јакша Филиповац, Енди Шроете, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Ана Кузмановиќ.