Уште еден концерт на годинешново издание на Охридско лето протекна во знакот на убави емоции кај уметниците и кај фестивалската публика. Настапот на гостите од Србија, Владимир Марковиќ на виолина и Јулијана Шуловиќ на пијано беше замислен токму на таков начин, да создаде пријателска, топла атмосфера која кај присутните љубители на уметноста ќе побуди благородни чувства што ќе ги понесат и по завршетокот на концертот.
Вечерта започна со композицијата „Пуста земја“ од сараевскиот композитор, професор и диргент Дражан Косориќ. Оваа елегична пиеса со нагласено таговен карактер, авторот ја има замислено како сеќавање и во спомен на сите загубени пријатели во виорот на балканските конфликти што посебно го погодија неговиот роден град Сараево. А тоа е место каде и нашите гости на концертот работат и ги градат своите педагошки кариери, токму на Музичката Академија во Источно Сараево. Уметниците Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ со емотивно обраќање, изведбата на „Пуста земја“ ја посветија на нивниот неодамна загубен пријател, познатиот македонски актер Љупчо Тодоровски – Упа. Веќе со вдахновената интерпретација на првото дело се создаде слика дека се работи за добро усогласено камерно дуо, кое со внимание ги избира и донесува концертните пиеси.

Во продолжение следуваше изведба на две од шесте сонати за виолина и пијано на Георг Фридрих Хендл, Сонатата во ге-мол и Сонатата во Де-дур – бисери во камерното творештво на големиот барокен мајстор. Уметниците, композициите ги отсвиреа во елегантен, танцов стил со потенцирање на виолинската делница во преден план и клавирската придружба динамички одмерена, во духот на чембалско басо континуо. Кралскиот призвук на Хендловата ненадмината барокна хомофонија, секогаш делува мошне соодветно да се слушне под сводовите на црквата Св. Софија, па така беше и на овој концерт. Со транскрипцијата пак на Шопеновото Ноктурно во цис-мол од постхумниот опус, кое во целост го одразува неговиот романтичарски лиризам и поетика, двајцата искусни уметници покажаа дека сродниот естетски вкус го насочуваат кон бавни мелодични пиеси што им овозможуваат смирена интерпретација во слободно рубато темпо со нескриена алузија на вокално, „певно“ пренесување на познатата романтична мелодија.

								
															
															