МНТ и режисерот Неќак донесоа нов театарски израз на „Охридско лето“
Современата музичка драма „Само глас“ на Македонскиот народен театар вчера беше изведена како дел од драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.
Работена според текст од младата српска авторка Нина Плавањац, „Само глас“ е приказна за позната актерка која останува сама и напуштена токму од помладиот партнер, балетан, кому му помогнала да ја изгради кариерата, при тоа губејќи ја сопствената доверба и останувајќи само со единствениот подарок што и останал од партнерот, пајакот Тарантула.
-Таа глумица бара нов почеток затоа што со сѐ расчисти на некој начин. И’ се јавува еден глас којшто на некој начин таа го прифаќа и започнува нова ера како начин на живеење и комуницирање. Сето тоа е преточено во музика што цело време ја следи претставата. Сметам дека ова е интимна приказна што секому му се случила, му се случува или може да му се случи, вели режисерот Марјан Неќак кој е и композитор и сценограф на претставата.
Двајцата партнери, првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски кого публиката го слушаше само преку глас, комуницираа преку бестелесни контакти, без вистинска слика како изгледаат што претставуваше ново театарско изразување преку користење на најстариот човечки инструмент-гласот.
-Тоа е впрочем и целта на уметноста, да донесете нешто, не само да е ново по секоја цена, туку и да го прифати публиката. Претставата е специфична и по начинот на изработка и по начинот на изведба. Тоа е претстава за уметноста односно за човекот којшто пропаднал во уметноста и едноставно станал неинтресен. На истиот начин се случуваат и потонуваат тие бродови и во приватниот живот, додава Неќак.
Безимената актерка што ја играше Звездана Ангеловска беше сама на сцената. Потребен ѝ беше само глас којшто ја создава драмата и нејзината емотивна апокалипса, но истовремено ја освестува и ја води кон нов живот.
-Работевме доста долг интензивен период така што бев вклучена и во процесот додека се градеше текстот. Работевме онлајн или за време на пандемијата затоа што изискува музички сонгови. Марјан е прекрасен соработник, темелно бара подготовки со голем број материјали и истражувања за ликот. Имаме навистина прексрасна соработка. Покрај тоа што ова е сценско-музички проект бара една посебна подготовка и за пеење, и да сте во психофизичка кондиција, вели првенката на МНТ, Звездана Ангеловска.
Улогата на балетанот во претставата „Само глас“ ја толкуваше Мирослав Митрашиновиќ.