Театарската претстава „Само глас“ вечерва на „Охридско лето“

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Само глас“ на Македонскиот народен театар.

Се работи за комуникациска современа музичка драма од Нина Плавањац во режија на Марјан Нечак кој е и сценограф и композитор на музиката во претставата.  Во неа играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски и Мирослав Митрашиновиќ.

„Само глас“ е приказна за позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогнала да ја создаде кариерата. Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ останал од поранешниот партнер.

-Потрагата кон нови форми во музичкиот театар за мене како режисер и композитор секогаш е непресушна, но, исто така, потрагата кон нови драмски автори кои сè помалку ги има во вообичаената форма Talk Theatre, а посебно во формата Music Theatre, бидејќи за овој стил потребен е посебен израз и начин на пишување. Ја имав таа среќа да ја сретнам младата и талентирана Нина Плавањац која ги испиша овие чудесни зборови, реченици, страници на оваа современа приказна, вели режисерот Нечак.

Претставата ќе се одигра на „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот и не се препорачува за лица помлади од 18 години.