Дела од француски и руски композитори изведени од врвните пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле синоќа одекнуваа под сводовите на црквата „Света Софија“. Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ и донесе ново и возбудливо музичко доживување на фестивалската публика.
На програмата беа композиции од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов, Клод Дебиси и Дариус Мијо. Пијанистот Мишел Бурдонкле, задоволен д неговиот настап, вели, се чувствува почестен што повторно е дел од фестивалот „Охридско лето“.
-Се чувствуваме одлично, но многу ми е жал што свиревме руска и француска музика, а не успеавме да отсвириме македонска музика. Сум настапувал во оваа прекрасна црква и претходно и сум запознаен со акустиката, но беше чест за мене да се настапува повторно на „Охридско лето“. Исто така сум горд што и мојот син се претстави на фестивалот. Почестен сум што сум повторно дел од овој престижен фестивал, изјави Мишел Бурдонкле кој пред околу две децении беше дел од фестивалската програма на „Охридско лето“.
Неговиот син, Николас Бурдонкле иако е млад, сепак важи за еден од најдобрите пијанисти на денешницата. Двајцата уметници синоќа беа подеднакво впечатливи и атрактивни за посетителите на концертот.
-Ми беше чест што настапив првпат на фестивалот и тоа, заедно со мојот татко. Се почесто добиваме понуди заедно како татако и син. Сакаме да изведуваме се’ повеќе композиции, но највпчеатлив за нас е настапот со две пијана и камерен оркестар, вели Николас Бурдонкле.
Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје. Синоќешниот концерт го проследија претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“, францускиот амбасадот во РМ Кристијан Тимоние, градоначалникот на Охрид Јован Стојановски и претставници од Францускиот институт во Скопје.