Концепцијата на концертот представуваше програма составена со соодветна доза на амбициозност, изведена со истенчен вкус, беспрекорна хомогеност и несомнно познавање на толкуваната материја. Концертот започна со внимателно динамички обликуваните Прелудиум, Фуга и Варијација од Ц. Франк. Можеби на моменти понагласената педализација се преклопуваше со акустиката на просторот во изведбата на Сонатата за два клавири во Д-дур KV 488 од В.А.Моцарт, која уметниците ја исполнија со голема виртуозност и оркестарски пистап кон деталите на музичката форма на делото.
Сведочевме на креација на уметници кои претставуваат различни пијанистички индивидуи и остварени заеднички вредности, со карактеристики на цврста концентрација, максимална исполнувачка ангажираност, техничка супериорност и рафинирана сценска наметливост. Токму и во оваа насока ја истакнуваме и воочливата распределеност на делниците кон интерпретирање на таква материја која прилега на нивниот изведувачки сензибилитет, особено во делата на Франк, Зографски и Равел. Истовремената заемност и самосталност во изведбата на делниците на посочените дела, беа представени со богатство на артикулација, изведба со особена лирска убавина, креативно расположение и почит кон толкуваната музичка материја.