Рецензија: Различни пијанистички индивидуи и остварени заеднички вредности кон концертот на Дуо „Артворк“ на фестивалот „Охридско лето“

Пишува: Мирјана Павловска-Шулајковска

За љубителите на камерното музицирање настапот на пијанистичкото дуо „Артворк“ претставуваше пријатна средба со уметниците Хајди Елзесер (Македониија/Германија) и Ненад Лечиќ (Србија/Германија), како и убава можност за нивно  повторно претставување пред нашата публика. Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ се уметници со континуирана пијанистичка мобилизираност,  чие живеење во целост е поистоветено со пијанистичкото уметничко креирање: од стекнатата музичка едукација кај нас (Хајди Елзесер) и во Белград (каде Ненад Лечиќ се запишал на Музичката академија на  13 годишна возраст), надоградена во значајни музички институции во Франција и Германија,  денес овие уметници имаат распространета концертна дејност со широк изведувачки репертоар.

Концепцијата на концертот представуваше програма составена со соодветна доза на амбициозност, изведена со истенчен вкус, беспрекорна хомогеност и несомнно познавање на толкуваната материја.  Концертот започна со  внимателно динамички обликуваните Прелудиум, Фуга и Варијација од Ц. Франк. Можеби на моменти понагласената педализација се преклопуваше со акустиката на просторот во изведбата на Сонатата за два клавири во Д-дур KV 488 од В.А.Моцарт, која уметниците ја  исполнија со голема виртуозност  и  оркестарски пистап кон деталите на музичката форма на делото.

Исполнета во еден здив со високо професионално мајсторство и силна емотивна тензија, донесената интерпретација на  Сонатината за две пијана оп.142 од Т. Зографски чинам дека е еден од реперите за изведба на ова дело и секако интерпретација која останува во долго сеќавање.

Четирите става од циклусот „Стонога“ од К. Делиниколов, беа изведени  со особена флуидност, како интерпретација која ги отвора идните патишта за  „живеење“ на делото. Овој циклус од 12 композиции, настанат го во периодот на 2000-та и 2001-та година во Детмолд,  Делиниколов го создава со отворени можности за инструментација и аранжман. Верзијата за два клавира на овие четири става  (бр.9-12) е напишана и посветена на  клавиското дуо Елзесер/Лечиќ.  Делото  секако претставува збогатување на нашата музичка литература за два клавира и можност за идни очекувани изведби и од помладата генерација на пијанисти.

До крајот на концертот беа изведени Елегија за две пијана и Капричо од Ф. Пуланк и „Ла валс„ од М. Равел, каде уметниците представија интересни дијалози ,посебен колорит  и динамичка експресија во изведбата на делата.

Програмата представуваше една оформена целина, изведена со особена пијанистичка култивираност која се  движи во насока и цел кон радоста на музицирањето. Креативното расположение на уметниците не представуваше  излив на инвентивна природа, туку мошне осмислена изведувачка усогласеност со  речиси апсолутна техничка и емотивна изведувачка концентрација. Токму и затоа уметниците представија хомогена тонска емисија и  музичко – интелектуално разбирање, како елементи кои во  камерното музицирање  се развиваат со подолгото заемно концертирање.

Постојаноста во изградувањето и растењето на уметниците како процес кој постојано се развива и надградува, повторно најде потврда и на овој настан. Во текот на целиот концерт, провејуваше чувство кое насочуваше кон препознатливоста на педагошката интенција и уметноста на  професорите кои биле дел од школувањето на овие уметници. Нашето лично согледување беше насочено кон воочување на дел од педагошките насоки на проф. Арбо Валдма (кој во годините наназад  во текот на постоењето на фестивалот, одржуваше семинари по пијано) во високото пијанистичко мајсторство на Ненад Лечиќ и особено присутните одеци од пијанистичкиот манир и уметност на проф. Стела Слејанска, пособено во градењето на изразот на индивидуализација на уметничката личност на Хајди Елзесер.

Сведочевме на креација на уметници кои претставуваат различни пијанистички индивидуи и остварени заеднички вредности, со карактеристики на цврста концентрација, максимална исполнувачка ангажираност, техничка супериорност и рафинирана сценска наметливост. Токму и во оваа насока ја истакнуваме и воочливата распределеност на делниците кон интерпретирање на таква материја која прилега на нивниот изведувачки сензибилитет, особено во делата на Франк, Зографски и Равел. Истовремената заемност и самосталност во изведбата на делниците на посочените дела, беа представени со богатство на артикулација, изведба со особена лирска убавина, креативно расположение и почит кон толкуваната музичка материја.