Изложба на фотографии „Oд уметничкиот пат на Георги Божиков“, Македонија
,,Оваа вечер аплаузи имаше како ретко кога. По секоја творба од Скаловски, Рахмањинов,Чајковски, Мусоргски…штом стивнеше длабокиот глас на Божиков, одекнуваа силни ракоплескања. Меѓутоа, она што се доживеа при изведбата на композицијата ,,Смртта на Гоце“ од Трајко Прокопиев – тоа нема бргу да се заборави. Ова дело, компонирано на стихови на Гане Тодоровски, првиот човек на вечерта, на многубројните посетители им го предаде мошне чувствително, со сета силина на својата уметничка душа. Спонтани изливи на воодушевување… Од публиката неколкукратно се слушна: ,,Браво, Жоро!“… „Света Софија“ изгледаше празнично….“
Ова е напишано во извештајот на весникот ,,Нова Македонија“ објавен по концертната вечер на големиот македонски вокален уметник Георги Божиков, одржана на 2.8.1982 г. на фестивалот ,,Охридско лето“. Тој е само еден од шеснаесетте настапи на Божиков на охридската фестивалска сцена во периодот од 1964-1986…
Георги Божиков (Петрич,1931- Скопје , 1986) бас, секако е еден од клучните духовни двигатели на македонската музичка култура, во оние триесет и две години, што ги живееше со нас (1964-1986). Независно дали станува збор за некоја од неговите 27 оперски улоги, пеени на сцената на Операта при Македонскиот народен театар – но и на значајни европски сцени, дали станува збор за бројните солистички партии во ораториуми и кантати во стилски распон од барокот до денешнината, за концертно изведените соло-песни – бисери на светската вокална литература, или пак за бројните изведби и праизведби на дела од македонски композитори, Георги Божиков секогаш остануваше врвно професионален, сеопфатно креативен и сугестивен, неповторливо свој и единствен…
Изложбата на фотографии ,,Од уметничкиот пат на Георги Божиков“ е посветена на 50 годишнината од неговиот прв рецитал на фестивалот ,,Охридско лето“.